Рај на светот

Во 12:11 сатот на 21 декември 2012 официјално заврши календарот на Маите. Крајот на светот? Пиши: пропало. Мојт комотно да си се вратиме на тековните обврски во предновогодишниот период: пазарење зајре за руска, дркање на собраниски канал, мрзење на дедо мраз, мрзнење на цигаре пред кафана и сите други спортови ко увертира на четирите новогодишни скокалници и паѓалници во алкохолен турбо транс. Или пак, мојт и да искористиме гужва и да им кажиме на Mаите: „За К да ми се фатите и да си го зејте за вас. Немат крај. Ерго, време е за Рај на светот".

Kо луѓе шо сме склони кон мрсна фиксација со датуми, јубилеи, хороскопи ко ќе е во прашање некоја круцијална животоменувачка одлука, митови како овај за крајот на светот ни се коњак. Ко Нова година, ама многу поинтересно. Нова година и родендените ги користиме за симболично означување на нов почеток пошо дотогаш ни биле врзани рацете и блокиран мозокот, па само зато шо дошол 17-ти факинг јули и ти славиш една година плус, по принцип на чудесен сплет на околностите во тој момент станвиш супермен и ќе си ги наредиш коцките од твојата слагалица како шо тебе ти одговарат. Или пак масовната хистерија на први јануари: „Ајде за многу години да е новава година. Се најубо ти посакувам, само убави нешта да ти се случуваат. Старата година замина јабана со сите вратоломни дешавки, а во новава партали ќе напрајш, бидејќи си е нова!"

Хороскоп? Ајде, Водолија: „Денес е вторник и сонцето ти е во третата куќа, месечината во седмата викендичка, асцедентот е во Јупитер. Само шо ќе излезиш од гарсоњерата шо ја отплаќаш со крв, трк во прва кладилница и остај ја цела плата на Манчестер, сателитите на Сатурн се одлично поставени за хет трик на Ван Перси кој може да ти донесе голема добивка. Во љубовта оние кои имаат досаден партнер и две презимиња ќе бараат младо мевце за да пратат Френд Риквест на фејс, а слободните Водолии ако начекаат безобразно пијана омладинка без критериум можеби ќе дојдат во контакт со глутео-максимална зона на спротивен пол. Преку улица сеуште треба да гледате лево па десно освен ако патувате во Кина и Австралија каде редоследот на вртење на главата како тениски судија е обратен. Здравје: можни се проблеми со дишењето ако изедете половина килограм прасечко и цела вреќа печени компири. Среќно."

Така и со крајот на светот, според глупиот календар на Маите (кој патем веќе е неважечки, па жељно чекам да излезит новиот на кој ќе има апокалиптични фотографии на Маја Вукичевич, Маја Синадиновска, Маја Оџаклиевска, Маја Панчева, Маја Макрадули (Јани со променето име, ради ПР) ). За крајот на светот се брмчеше долго време, доволно долго да му здосадиме и на Врховниот Шеф кој одамна можеше да пуштит вода од казанчето, ако беше дојдено времето за Биг Генг Бенг. Ама очигледно ќе си се имаме со Планетава уште долго долго време. Кутрата, што се не издржала, глупаво ќе беше да се лизне од оска на наша смена.
Јас во моиве 26 години ги имам преживеано и распадот на Југославија и знамето и Y2K и кометата шо удри во Јупитер и Драган Вучич со џигерица. На листава го додавам и Крајот на светот, релевантен исто како и Букурешкиот договор и неговиот крај наредна година (после шо Македонија ќе си е ко шо имат бидено, со Солун и сите солунски тертипи: узо, Беаскуле, Полихроно, гиро со убав сос, ѕаѕики). Техничко - Мајански гледано, бидејќи афтер ол секој од нас има по некоја Маја освен ДОМ која имат еден член и се викат Лиле, ние веќе живиме ја во рај ја во пекол, допрва ќе утврди комисијата за лустрација. Ако е пекол, ништо страшно, 300 евра месечно нè крпат и има кафани (проверив утрово), а и климата не е како на рекламите во црква. Ако е ова РАЈОТ, можам само да претпоставам каква е мрежата на ВИП во пеколот.

Ама по „роденденско новогодишната логика", може да се извлече и нешто асално и корисно од крајот на мајанските митови по грегоријански календар (ние, Србите и Русите ќе си славиме и стар нов крај на светот за две недели). Па ајде да ја унапредиме глупавата календарска методика на промени. Ајде да ја измамиме новата година. Да му направиме Флеш Моб на роденденот. Да им замачкаме во „пишаното на наречниците".

„Ќе почнам со диета / да учам / да ослабам со учење / од понеделник, или од први. " – а дотогаш ќе пливам во базенот од ресани, сникерс и кока кола, ќе се згојам тамам за на трпеза и ќе кукам како мала кучка кога ќе ги раздвојам фармерките при првиот нареден обид да влезам во нив, односно ќе користам инхалатор за да успеам сам да си ги врзам патиките без да изгубам свест. Јок. КРАЈ. Почнуваш веднаш и со центурионска дисциплина, или нема да почнеш никогаш и ќе ти остане кукањето и барањето виновници.

„Ќе ги оставам цигарите на први јануари" – ќе ги оставиш, во левиот џеб на палтото. Можеби и уште една резервна кутија ќе шибнеш во десниот, да не ги бараш предолго или да не се симнуваш до колата за да земеш од штеката во багажникот, уште со гурелки во очите, пред да измиеш заби после новогодишната вечер. Или пак пази ова: ќе кажеш КРАЈ веднаш, ќе ја згужваш кутијата и ќе ја збибериш во некоја кофа за ѓубре како да ти опцула мајка. Така се оставаат цигари. Ако ги оставаш. Ако не, прекини со цимолење дека те изазиваат другите и затоа не можеш да им кажеш лаку ноч. Ако уживаш во нив, не криј го тоа. И облекувај се потопло зимава.

„Има да престанам секојдневно да ги трујам деловите од мене кои ги мрзам со алкохол. Доста пиев како пробушен, гад сум за оние околу мене, а и глупаво е други да ми го раскажуваат животот. Еве, само уште овие 5-6 литра од домашната што ми останаа од славата да ги потаманам, и тоа е тоа. Мил ми е џигерот" – аха. Добро е да го оставиш алкохолот, ама остави го на ладно ако е жесток, освен ако не е скап коњак, за да не ти е мочлест кога ќе го побараш наредниот пат. Кога сме кај совети од делот на сложената хемија, кој пие црно вино изладено во фрижидер е хохштаплер и треба да му се забрани влез во било кој ќумез кој го продава најубавиот дериват на грозјето. Види, нема ама баш ништо лошо и во пијуцкањето и во пиењето во законски количини. Потврдиле милијарди насмеани, креативни, забавни ликови. Ама ако сакаш да му раскинеш од твои причини, раскини му веднаш. На алкохолот, ти пијано будалче. Себап, можеби ќе куртулиш и некој друг раскин од неалкохолна природа. Крај. Сега. Одма. Овде. Или не се лажи себеси дека нема да продолжиш да ги лажеш другите кога си претворен во ракета Земја-Воздух без таргетирана цел.

„Наредна година ќе идам почесто да се дружам со баба ми, кутрата, ми звони еднаш на две недели да ми чуе глас, а не сум ја видел со месеци" – ако не предаде меч во меѓувреме, па ќе имаш за што да жалиш до крај на живот и да трипаш кога ти ќе имаш внуци еден ден дека ќе завршиш како магаре после сезонска работа. Крај. Јави се веднаш и кажи и да ти зготви нешто за кркање за појадок во недела. Подружи ја час два, па врати се во не-матричниот екипаж со кој талкаш по калдрми катадневно. Нема да ти пишат минус.

„Еј, супер што те видов стар пријателе. Да се чуеме, да се видиме, да пиеме кафе! Обавезно!" – Ма НАЈОБАВЕЗНО! Јухуу! Сигурно ќе се видите. Наредниот пат кога ќе си го обновите ветувањето за кафирање како рестартирање на кредит. А каматата се поголема и поголема. Крај бе Џони. Јави се сега ако ти е до јавување, или не биди лажлив цреп. Никој не те тера да се дружиш со секоја фукара, ниту ќе добиеш нобелова награда за Добри намери. Do it or don't.

Таков крај на светот сакам. А сега е првиот ден од новиот календар. Твојот. Што ќе направиш околу тоа?



Те слушам, тука: betmenvelit@gmail.com и @BatmanSaysT 

 

21 декември 2012 - 14:53