Локални дешавки:

Доктор по што?

"Папиро" ги содржи најболните, најсрамните и најдолните моменти: лоши сексуални преформанси, пијани забави, повраќања по вециња, пропаднати врски, препишување на испити, дрогирање после часови и сè останато што еден (примерен) студент го прави во текот на студирањето.

Kога бев помала им се восхитував на американските дипломи: на капите, мантилите и на цела кампус церемонија и отсекогаш верував дека да дипломираш на запад е многу јак филм. Денес во цела игнорантност, не знам како се дипломира во Македонија зашто ги пропуштив дипломските на сите мои пријатели (пријатели, ова прифатете го како "Извини"). Она што можам да ви го потврдам е дека јас во Болоња не видов ни мантили, ни капи, ни свечености, само јајца, брашно и безобразно ругање.

Вака од прилика изгледа Големиот Ден:

Фаза: прогласување доктор. (Во Италија и со тригодишен факултет си Доктор).

Оние кои завршуваат факултети по општествени науки не бранат никаква дипломска. Есеј од триесетина страни, копи пејст и готово. Одиш и десетина професори кои едвај чекаат да заврши цела церемонија ти честитаат и си одиш со празни раце, што ти дава поприлично чувство на недипломирање. Дипломската за во рамка, потпишана од ректорот стига после 2-3 години.

Фаза надвор од училница.

Традицијата бара дипломецот да носи ловоров венец кој има потекло уште од Стариот Рим. Венецот е врзан со машничка, а секој факултет си има сопствена боја.Така, правниците имаат плава, инжењерите црна,  докторите и фармацефтите црвена, социолозите портокалова итн. Венецот го купуваат роднините, родителите или пријателите, никако самиот дипломец кој венецот "го гледа" само откако е прогласен за Доктор.

Фаза: излегување од училница.

После овој првичен дел кој е за сите ист, надвор од училницата се прогнозираат две сценарија: цивилна и варварска. Нормално постојат луѓе кои цивилизирано слават, оддавајќи му доследен почит на повеќегодишниот труд. А тоа ваљда може да си замислите како изгледа. Јас ќе ви ја раскажам другата верзија на болоњските дипломци.

По излегувањето од училницата, најпрвин се става венецот и дипломецот отвара шише пенливо вино и го пие на врат додека сите останати се дерат "Уште, уште, уште!" И почнуваат гласно да го викаат ова: "Докторе, докторе, ебете се во газот... (па продолжуваат во тој правец)!"

Фино, онака, со стил, посебно ако меѓу поканетите е и бабата на дипломецот која се молела да го доживее овој ден и најчесето има влажни очи од среќа. После ваквото примитивно налевање, следи делот фотографирање и поклонување цвеќе. Клик, клик, клик, клик. Сите среќни и весели: баби, тетки, вујковци, братучеди, внуци... дошло сè што можело да се накрца во кола. И обично оние кои доаѓаат од јужните делови на Италија носат и типични пецива или слатки. Сите пијат и јадат така на нозе додека на дипломецот постојано му се вика "Пиј, пиј, пиј!".

Фаза: надвор од факултетот.

Најлошиот дел следи веднаш по прекорачувањето на влезот на факултетот, кога дипломецот го чекаат полевања со разни ситни ствари како ориз, пченица, брашно, јајца, мали крукчиња од хартија кои не се вадат од коса ни за жива глава, лажни спрејови и слични првоаприлски гаџети. И пак: "Докторе, докторе... (за лирикс, види погоре)!"

Во меѓувреме, пријателите лепат слики околу излезот на факултетот, нормално, оние во кои дипломецот е во најлошо светло: пијан, полугол, или во било каква бизарна состојба.

На најекстремните  дипломски забави, после цел овој панаѓур, пријателите го маскираат дипломецот и  тој така фино изруган иде низ град со цела толпа која го следи наоколу. Не знам дали доловувам, ама во живо е една гротескна слика.

Во некои случаи фините пријатели спремаат и хамер, познат како "il papiro", некоја хоум мејд поезија која најчесто не се чита во присуство на роднините па... си замислувате. Папиро ги содржи најболните, најсрамните и најдолните моменти: лоши сексуални преформанси, пијани забави, повраќања по вециња, пропаднати врски, препишување на испити, дрогирање после часови и сè останато што еден (примерен) студент го прави во текот на студирањето.

Фаза: до кој момент дипломецот си ја памти дипломската?

Многу често после некое време меморијата прави "рез!" и дипломецот нема поим во кој локал завршил, со кого се дружел и каде легнал на крајот. Зашто Денот е скоро надреален.

Да се разбереме: не дипломираат сите вака. Како што ви реков, ова е една (честа) болоњска верзија.

Еве го пак септември.

Септември во Болоња ми е еден од најубавите месеци и затоа сум најгостопримлива. Градот живнува, многумина се враќаат од по градовите, маса нови студенти изгубено бараат некоја улица, одат од стан во стан да си најдат соба, се мафтаат со документи, уписи и разно-разни документи. Се обидуваат да се спријателат со градот, со новите имиња, со новите цимери и комшии. Болоња прчлеста, сака да вети нешто ново, а некому сигурно ќе му донесе и прекрасна бруцошка година. Во овој период секогаш ме фаќа носталгија за читални, свежо фотокопирани книги и розеви маркери. Ама брзо ми поминува.

Со среќа бруцоши, крајот си го знаете!

Емили,
полудоктор по носталгија за студентски денови

emabela@yahoo.com

12 септември 2012 - 01:44