Зошто е далеку Турција? Има барем пет причини зошто Турците се поголеми шефови од нас во моментов и секоја споредба со нивниот начин на поимање на демократските процеси е благонепримерна низ наш визир:
- Прво и основно, во Турција има град кој се вика Бетмен. Подобро од тоа не може.
- Далеку е зошто е стварно далеку, усвета, уџум. Па до Турција ако тргнеш со кола низ Грција или Бугарија, по пат ќе загубиш или име или јазик. Па кога ќе стигнеш таму или со пантомима ќе се објаснуваш или никој нема ти се обраќа. Со авион е друга приказната, пеки. Тешуќур ТАВ.
- Тие нè држеа нас 500 години под ропство. Пробај број до петстотини. Па помножи со 525 600. Многу а? Чок.
- Турците го измислиле тркалото. Босанците подоцна само го претвориле во тепсија со бурек. Ватикан има конклава, Стамбол има баклава. Редакциски амандман: Мусака е врхунско дело природе.
- Тие во Македонија направија аеродром. Ние во Турција имаме направено цех од 50 евра во Капали Чаршија. Коа сме кај аеродромите, турските пилоти имаат изнервирано стотина грчки контролори на летање со комшиските маневри и показни вежби од типот „За пет минути можам да ти пијам кафе во Атина". А тоа, понекогаш, ми е, така, некако кул... како да пушиш наргиле од вишна спружен на вреќа во кафуле на Златен Рог, близу границата меѓу два од само неколкуте континенти на оваа планета.
- Тие нè сакаат и покрај сè. Што им направивме. Со Црешовото топче.
КАКО Е ДЕНЕС (OДА ЗА ВЛАСТА)...
Од друга страна има и пар аргументи и ситуации поради кои ем е нормална заинтересираноста за она што се случува во Истанбул и Анкара, ем имаме легитимно право да извадиме и ние некоја мала сипаница и тогаш кога температурата е висока кај некој друг.
- Затоа што ова е слободна планета и секој може да прави што сака, сè додека некој не му каже дека не смее тоа да го прави и не се испотепаат, па тој што на другиот ќе му скрши вилица ќе биде победник во аргументираната дебата и ќе го преземе демократското право да кажува што е демократија. Не, сериозно, светот никогаш нема да е преголем за сите мислења на неговите моментални потстанари кои сонуваат вечност и се плашат од конечноста на животот поради што понекогаш се прави кретени и алчни говеда.
- Затоа што за оние кои се помилозливо насочени кон опозицијата во Македонија, реториката на нашата политичката смена која си чека ред е пишувана во сличен фонт со реториката на оние кои во моментов низ целото тело на Бикот од Босфорот се борат за својте слободи, деноноќно (затоа сличен).
- Затоа што оние кои се помилозливо насочени кон актуелната власт кај нас, пријателски настроена кон Реџеп Таип беј, овие првите ги доживуваат несериозно како Македонија на Олимпијада (мада, знаеме од време на време и да изненадиме со медал во борење).
Со Турците немам проблем, иако ни го собраа Мустафа Ќемал од територија па не стигна човекот да нè подучи и нас малку од малку како се подоправа држава. За Гоце шо ни го отепаа не им проштевам, а за некој аскерски арслан кој го цвикнале нашиве комити нека не ми проштеваат тие. Тоа не е причина денес, сто години подоцна да не си се почитуваме и потсакуваме како барем декларативно цивилизирани единки кои имаат среќа да делат едно нано-делче од историјата на оваа планета и да си го поминат времето тука најдобро што можат.
TУРЦИТЕ СТВАРНО ИМААТ ГРАД КОЈ СЕ ВИКА БЕТМЕН
Затоа, со особена жал за секој еден човечки живот кој се губи на улица, колку и да „револуција без крв е неможна", случувањата од двете страни на Босфор ги следам со резерва, без драстично фаќање страни, но со симпатија кон послабиот. Симпатија кон народот. Народ кој има верба, народ кој вели дека сака да живее достоинствено. Сакам и јас.
Сакаат и во Шведска, земјата која е сон на многу Американци. Сакаат и во Кина, каде на секоја годишнина од Тјенанмен жителите на една од најкомунистичките земји во светот сакаат да ги потсетат нивните властодршци дека владеат луѓе, а не меурчиња од сапуница кои пукаат кога ќе дувнеш посилно кон нив. Сакаат и во Франција каде денес излегуваат на улица 100.000 луѓе поради покачување на цената на јавниот превоз од 2%, но и земја во која луѓето тоа го прават 500 години уназад (нота бене: пред половина век, демократијата таму се спроведувала малку „пооштро"). Сакаат и во Америка во која претседателот излегува на телевизија и кажува дека благодарение на Бога, Американци се и оние кои не веруваат во Него и имаат апсолутна слобода да го прават тоа, исто како и оние кои веруваат во конзерва со виршли и ѝ се поклонуваат секој еден ден.
Достоинствено живеење. Многу пореален таргет од градењето на некое утописко „демократско општество" во чија „изградба" често доминира силата над човековите права.
Сонот за демократија лесно може да биде срушен тогаш кога човек ќе сфати дека неговата желба сите да мислат како него не е демократија. Сонот за демократија може да биде срушен и тогаш кога човек ќе разбере дека сепак мора да постои легислатива и закони според кои цивилизираното општество треба да функционира и тогаш кога тие закони не се баш по мерак на индивидуата. Затоа постојат ставови и нивно бранење, групирања, организирање, избори, правен поредок, затоа постои систем. Паралелно со вечниот стремеж тој систем да се унапредува секој еден ден по презумцијата на еднаквост.
Владее мнозинството, но ниту една власт не треба да заборави дека без разлика дали дошла на власт со гол во судиско продолжение и 50%+1 од гласовите или клучевите за водење рачун за куќата им биле предадени малтене со акламација од некои 80% гласови на избори, дека секогаш е власт на сите живи створења кои плаќаат данок, а особено на оние кои живеат на грбот на плаќачите. Власта не треба да заборави дека е власт и на себе. Дека е власт и за оние кои доаѓаат, не само за оние кои се. Дека правото да располага со парите заработени со труд на луѓето не значи право да ти влезе дома и да ти кажува како да ја вечераш храната купена со она што ти останало откако си платил придонеси.
...А, ЕВЕ КАКО БИЛО НЕКОГАШ / ИМА И ПРЕВОД ВО СС
А промените? Промените доаѓаат тогаш кога ќе созреат условите за нив. Промената е феномен кој се случува, без оглед на свеста. Навидум неповикана, а потребна. Едноставно, знаеш кога е време навистина да се промени нешто. Чорапи, женска, работно место, лидер на партија, премиер.
Луѓе низ целиот свет секогаш ќе си бараат своја правда, на свој начин. Ќе те тераат на размислување. Некогаш ќе ги осудиш, некогаш ќе ги поддржиш. Независно од твојот избор, тие ќе си добијат правда. Своја или туѓа.
Освен оние кои само гледаат турски серии. Тие не добиваат никаква.
Ама хеј, и тоа е демократски избор.
betmenvelit@gmail.com / @BatmanSaysT