Како сите модни воајери, висам по портали, па после се жалам кога мејлот ми е преполн со секакви понуди, специјални распродажби, ласт минит аутлети, бесплатен шипинг и слични. Баш зашто постојано висам по све и свашта, си наоѓам нормално многу работи кои ме бендисуваат. Портал - јусер ајди - Пасворд - Лог ин - Кликам слика. Ај лајк.
Како сите работи кои не можеш да ги допреш или слушнеш, се потпирам на останатите сетила: гледам состав, боја, го анализирам моделот и го замислувам на себе. Главниот играч е секако интуицијата. Најпрвин, го гледам составот: свила, полијамид, кашмир, мохер, варена волна, вискоза, полиестер, скај. Aко нема вештачки влакна, првиот тест е поминат. Боја, прифатлива. После гледам дали го има мојот број и кога го нема се туфкам демек готова бев да го купам. Во случај да го има, гледам да му најдам мана. Низ годиниве научив што ми стои, а што не е за мене, па лесно одредувам кои во модели ќе изгледам како чајна кобасица или како пилешка салама.
Да речеме дека фустанчето го поминало тестот на издржливост. Кликам икс и си мислам дека ако било за мене, ќе ме причека и до утре. Си играм држ-не дај. Скоро секогаш фустанчето ми мафта и утредента. Така во наредните денови, се кибиме, како љуби да каже мајка ми. Кликам, го гледам, си мафтаме, му бегам со клик на икс. По некое време, со најженското можно алиби, дека е ептен прилика и дека вакво нешто стварно немам во орман, спремам кредитна, седнувам и купувам. Шипинг за 7 работни дена. Почнувам да седам на игли, а пошто сум од оние кои немаат трпение за (скоро) ништо, овие седум дена ми изгледаат подолги од обично.
Така почнува мојата слатка Одисеја. Добро ли направив или се заебав? Каков ќе биде? Дали ќе биде како што се претставил? Дали ќе биде како што сте го замислувале и сонувале? Дали ќе ви се свиѓа на допир? Дали ќе ги задоволи вашите очекувања? Дали ќе ви легне како што треба? Или е уште еден промашен случај кој не вредел динар скршен?
Доаѓа денот. И ете го моето пакетче. Му се нафрлам ко да ми е последно. Некултурно го распарчувам. Хартијата лета од сите страни. Возбудата е иста како првиот состанок, како првото меѓусебно расоблакање и истражување. Како првата размена на мириси и првото вкусување. Истиот адреналин кој ви го исклучува копчето за луцидност, за простор и околина, кое прави да го утнете местото и фотељата, јас го чувствувам кога го отворам пакетчето. Го отварам и пробувам.
Три ситуации во оптек:
* Љубов на прв поглед
Нема ниту еден конец кој виси каде што не треба и ова дава тотално чувство на задоволство. Право женско либидо, ви велам да купуваш он лајн е прекрасно. Последниот пат, на пример, ми стигна едно бело фустанче. Јас обожавам бела боја и кога го облакам и ме прашуваат од каде како што, малку паунски викам дека е од интернет. Горда што сум погодила сè како што треба, се осеќам вондер воман кога го носам (колку што може да се биде вондер во бело фустанче до под колена, широко со карнери?). Фустанчево да беше маж, ќе беше полн погодок из прве. Ми се случило многу пати. Со фустани.
* (Можеби) Љубов на втор поглед
Има потреба од некоја мала промена, стеснување, додавање на копче, кратење. Или едноставно треба да се навикнете на него. Се случува (често). Чувството е океј. Оценка тројка. Решение, шнајдер. Да беше маж, ќе требаше репете. Може да станеме пријатели или нешто повеќе. Можда и не.
* Нељубов. Фати магла.
Сè започнало со: го гледам-ми се свиѓа-го сакам за мене-морам да го имам. Конечно го имам. За жал работите залажуваат и не се такви какви што изгледаат. Ми стои како мокра кеса за ѓубре. Пу-пу не важи, се каам и пратката назад. Да беше маж ќе имав празно на чувство што е далеку полошо од чувство на празно.
Е сега, да не се заебаваме со традициите. И јас си сакам класичен шопинг, ми се свиѓа да одам во продавници каде ме знаат по име, ми го знаат вкусот и со продавачките ја оговараме цела улица. Али едното не го исклучува другото. Шопингот он лајн излага од шини, дава адреналин, постои фактор затрескување, изненадување, исчекување и разочарување, а понекогаш последиците се дека нема назад. Потрошено време, скурцани пари и уште едно парталче, колку само да ви се брои. Ако сте од оние кои одат само на сигурно, баталете.
Па, не е све за сите.
Не знам колку сте вие манијаци за моден шопинг онлајн, ама имам некое чувство дека не сте од проста причина што многу често, доставките стигаат до Србија енд Монтенегро. Македонија е надвор од шипинг зона за многу мономарка е-стор. Но кога Прада доставува само во петнаесетина земји, да не збориме за помалите.
Една од најавторитетните мултибренд продавници како Луизавиарома од Фиренца, Л'инде ле пале од Болоња и Yoox кој е еден од најдобрите аутлет портали, доставуваат во Македонија. Јукс е ептен профи зашто заедно со пакетот стига и пакет за враќање назад, веќе пополнет со сите податоци. Оваа игра на ти го-дај ми го за мене е супер зашто на крај штетата не е голема, пакетот можам да го вратам назад во рок од седум дена, трошоците се на нивна сметка, а кредитната си ги зема назад парите штом пакетчето пристигнува назад во јукс, но мислам дека надвор од Италија, ова е малку луксузно играње.
Ако се објаснив зашто фустанчињата он лајн се како прв петинг топло ви препорачувам да пробате барем еднаш некултурно да распердашите некое е-стор пакетче. Купувајте тоа што ви свиѓа, не трошете пари на крпчиња и кога ви изгледаат совршена прилика, зашто најчесто тоа и се - крпи, а ако не ви се свиѓа тоа што сте го избрале, покајте се и вратете го.
Главно, не ризикувајте ако ризикот не можете да си го дозволите. Во случај да направите кикс заради кој нема назад, простете си и памет во глава за следниот пат.
Емили, Италија
За линкови, од багатела до луксуз, мејлот е сеуште тој: