„Во стомакот на ѕверот" е обемна истражувачка сторија објавена во Ролинг стоун, за чие детално читање ви треба добар стомак, и во естетска, и во етичка смисла. Збогатена со инсајдерски видеа и аудио фајлови снимени со скриени камери и микрофони, таа ја раскажува приказната за тоа како функционира „Биг мит" - картел од коорпорации кој голта семејни фарми и ги чува животните како во затвор среде пустелија далеку од погледот на потрошувачите, но и на федералните власти кои не можат или не сакаат да го контролираат начинот на кој се произведува американското месо.
Свињата, кравата или кокошката обично гледаат државен службеник од одговорното Министерство за земјоделие еден час пред да бидат заклани, но претходните четири или пет години живеат во простор само малку поголем од нивното тело, постојано клукани со различни хемикалии, без никогаш да видат сонце или да помирисаат трева. Зборуваме за 9 милијарди кокошки, 113 милиони прасиња, 33 милиони крави и 250 милиони мисирки. Секоја година.
„Ако не сте биле во кланица за кокошки не знаете каков пекол е таму", вели еден од активистите кој волонтирал за сторијата. „Изметот од кокошките се трупа на купови високи по два метра, па белите дробови ви горат како да сте ги потпалиле".
Целата месна индустрија е под тензија да произведува многу, и да произведува евтино, при што целта ги оправдува средствата. Државите (во случајов во САД) притоа не само што не прават ништо посебно за да го прекинат овој нехуман, но и нездрав начин на одгледување месо за крајните корисници, туку на некој начин и ги штитат големите компании, забранувајќи на пример снимање на фарма од јавен пат (за влез на фарма или фабрика на надворешно лице и да не зборуваме).
А и оние кои работат на фармите изгледа забегуваат, па тотално без повод се изживуваат врз беспомошните животни, брцајќи им со стапови во око или клоцајќи ги по муцка. Едноставно, затоа што им се може.
Ако човекот веќе не може или не сака да се одвикне од јадење месо, може ли барем да обезбеди животните да не страдаат пред да се соочат со сатарот? Така барем нема да се потхранува општата атмосфера на насилство и суровост која очигледно владее внатре овие фабрики, и кои сигурно лесно се прелеваат и вон нивните ѕидови.