Луѓето знаат дека тоа за нив е неизбежен предизвик. Прво во плиткото па во длабокото влегуваш во опасните води наречени пубертет и како преку ноќ, од радосно, весело и разиграно дете се претвораш во накурчен и емотивно непредвидлив тинејџер.
Според една нова студија објавена во Ројал сосајети, и кравите минуваат низ слична трансформација кога, да ги разбереш што сакаат, е жива мууука.
Во последно време постои зголемен интерес за осознавање на емотивниот живот на животните кои живеат во фарми и цел тој систем на масовно одгледување е под зголемен надзор на општеството.
Соодветните научни гранки развиле методи и тестови за да се фрли светло врз емотивните состојби на овие животни кои животот го минуваат во заробеништво. Меѓу другото, ги ставаат во неочекувани позиции и ги набљудуваат реакциите.
Во случајов утврдиле дека кога се млади имаат стабилни и очекувани реакции. Истото важи и кога се возрасни. Но, постои еден меѓу-период кога се однесуваат како непредвидливи тинејџери, во смисла на љубопитноста, расположението. храброст/резервираност и слично.
„Главните психолошки промени се случуваат за време на сексуалното зреење и се состојат во неконзистентно однесување и реакции. Хормоните чие ниво се зголемува во пубертетот доведуваат до широк спектар однесувања и реакции кои дотогаш ги немало: прифаќање ризици, срамежливост и друго,“ вели авторот на студијата, Марина фон Кејсерлинг.
Пубертетот ги дрма главно во периодот кога имаат меѓу 6 и 8 месеци.
Ваквите студии се корисни барем за две работи: што создаваат подлога и атмосфера за еден похуман третман на животните во фармите и што укажуваат дека во психологијата сепак постојат биолошки основи и дека личноста не е баш коплетен „социјален конструкт“ како што е тоа денес модерно да се проповеда.