Последниот пресек од релевантниот Кокреин извештај се однесува на физичките интервенции за спречување на ширењето ковид- маски, визири, ракавици, антисептички средства, миење раце и социјална дистанца. Се работи за масивен извештај за десетици студии со податоци за 610.000 испитани случаи.
Интересно е тоа што 12 испитувања во прегледот покажаа дека носењето маски веројатно прави мала или никаква разлика во преносот на болести слични на грип или ковид. Исто така, прегледот покажува дека маските немаат ефект врз лабораториски потврдените резултати од грип или САРС-КоВ-2. Пет други испитувања не покажале разлика помеѓу еден тип на маска во однос на друг.
Ова е второ ажурирање на прегледот од почетокот на пандемијата. Првото ажурирање беше одложено за седум месеци поради необјаснети уреднички одлуки. Беше предоцна кога излезе во ноември 2020 година за да смени нешто; дотогаш, активистите, неквалитетните опсервациони докази и владините политики веќе ги направија маските задолжителни.
„Уште кога во ноември 2020 укажавме на проблематичноста на опсервационите студии на кои се потпираат политиките, веќе бевме замолчени, остранети од Фејсбук и ставени на владини листи за следење“, пишуваат Карл Хенеган и Том Џеферсон во Спектатор.
Податоците од извештајот на Кокран кореспондираат со она што се случуваше во реалниот живот - дека маските не прават битна разлика. Дисциплираните Јапонци (кои и онака носат маски, не па за ковид), сепак не беа поштедени од брановите на заразата.
Авторите сметаат дека нивната задолжителност имаше за цел владите да демонстрираат дека нешто прават околу болеста. Миењето раце не се гледа ама затоа маските се јасно видлива манифестација дека „си знае државата“.
„Во пандемија сведочевме на силни и страсни уверувања за тоа што функционира, а што не. На моменти, тоа повеќе личеше на фудбалски натпревар, со навивачи од двете страни кои го провоцираат спротивниот табор. Неколку политики како што се задолжителните маски и рестрикциите, сега изгледаат апсурдни во ретроспектива. Како што културата на страв испари, така населението стана свесно за нивните штетни ефекти“, велат авторите.
Не успеавме да следиме пристап заснован на докази за време на пандемијата. Сега ни остануваат човечките, социјалните и економските последици од политиките без докази.