
При анализа на 3.293 кеси со салата во супермаркети во 10 европски земји, паразитот toxoplasma gondii бил откриен во 135. Најчесто бил присутен во Британија, во дури 16% од примероците, во Данска, Шпанија и Франција го имало три-четири пати помалку, а во Норвешка и во Чешка речиси и да не биле откриен.
Спорите на паразитот T.gondii се лепат на листовите на салатата и се вгнездуваат длабоко во пукнатините, од каде што не може целосно да ги отстрани ни миење со сапун и хлорирана вода. За луѓето во групи со висок ризик единствениот сигурен начин да избегнат инфекција е да се воздржат од јадење зелена салата.
Циклусот на ширење почнува кај заразени мачки, кои го исфрлаат милиони спори во изметот. Спорите преживуваат во почвата и водата со месеци па и со години. Отпорни се на замрзнување, сушење и повеќето производи за чистење. Во салатите навлегуваат преку контаминирана вода за наводнување или почва.
Откако ќе влезе во човечкото тело, паразитот се размножува брзо и формира цисти кои трајно остануваат во мускулното и мозочното ткиво и го нагризува. Повеќето здрави возрасни лица трпат благи симптоми слични на грип. Имунолошкиот систем обично ја смирува инфекцијата во рок од неколку недели, но цистите остануваат засекогаш.
Со најголем ризик се соочуваат бремените жени кои претходно не биле изложени на инфекција. Паразитот може да ја премине плацентата и да се префрли на бебето во развој. Инфекцијата може да предизвика слепило, губење слух, тешкотии во учењето или оштетување на мозокот, а во најтешки случаи до спонтан абортус или до смрт на плодот. Сериозен е ризикот и за болните од рак што примаат хемотерапија, како и пациентите со трансплантирани органи.
Салатите одгледувани во Западна Европа имале повисоки стапки на контаминација од оние од Источна Европа. Зимската берба и пакувањето во северна Европа се исто така поврзани со повисоки нивоа на паразити. Овој географски модел сугерира дека проблемот произлегува од земјоделските и преработувачките услови, а не од случајна контаминација.