Загриженост во Франција:

Ракот напаѓа од пестицидите во лозјата

Бројот на нови случаи на рак во Франција се дуплирал од 1990 година. Најтешко се погодени винарските региони, во кои потрошувачката на пестициди е највисока во Европа. Винското грозје се прска 18 пати годишно. Во тој период концентрацијата на разни отровни состојки во воздухот во околните домови се зголемува понекогаш и стократно. 

Исцрпена и без коса како последица на хемотерапија, Флер Брето лани од галеријата во Националното собрание им извика на француските пратеници: „Вие сте сојузници на ракот! И ние ќе се погрижиме сите да го знаат тоа“.

Таа реагирала на усвојувањето на законот за ограничување на моќта на независниот регулаторен орган, и покрај тоа што 2 милиони Французи потпишале петиција против законот.

Флер Брето денес е лицето на борбата против пестицидите, не само во Франција. По првата дијагноза за рак на дојка во 2021 година и втората во 2024 година, пред да наполни 50 години, таа поминала операција, зрачење и хемотерапија. Ракот ја оставил без работа, гневна и решена да одговори на прашањето: Од каде доаѓа ракот? Зошто ги напаѓа спортистите, непушачите и маратонците? Бројките растат и кај алкохоличарите и кај оние што не пијат, кај дебелите и слабите, старите и младите.

Франција е земјата во која жените имаат најголема веројатност да развијат рак на дојка. Бројот на нови случаи на рак практично се дуплирал од 1990 година, на повеќе од 433.000 во 2023 година. Секоја година им се дијагностицира рак на 1.800 деца помлади од 15 години и на 450 адолесценти помеѓу 15 и 17 години. Низ Европа, САД, Австралија, низ целиот свет, неколку милиони луѓе страдаат и умираат од рак. 

Истражувајќи самостојно, Брето собрала доволно докази за да ја поткрепи својата теза дека начинот на живот на пациенти не е причина за ракот. Во светот има премногу отрови.

Ја почнала кампањата „Бес на ракот“ во винарскиот регион Бордо. Тој е синоним за квалитетни и скапи вина, но воедно и еден од најголемите потрошувачи на хербициди, фунгициди и инсектициди од сите видови, акарициди против крлежи, регулатори на раст, блокатори на хормони и инхибитори на хитин за специфично уништување на егзоскелети на инсекти.

Франција е рангирана на 36-то место во светот по површина на земјоделско земјиште, но сепак има седма највисока потрошувачка на пестициди во светот и највисока во Европа. Долгорочна студија „PestiRiv“ од 2025 година, една од најголемите досега спроведени, открива дека кога лозарите прскаат, концентрацијата на разни активни состојки во воздухот во затворените простории на околните домови се зголемува понекогаш и стократно. Концентрацијата на разни пестициди во урината е повисока кај сите возрасни групи, дури и кога нивните домови се оддалечени 500 метри од прсканите области. Примероците од почвата сè уште содржат траги од ДДТ, иако е забранет и повеќе не се користи повеќе од 50 години.

Од пролет до рано лето, разни коктели од пестициди се нанесуваат на лозјата и почвата во форма на фин спреј. Индексот IFT следи колку често полињата, градините и лозјата се третираат со целосна доза на пестицид. Винското грозје се прска приближно 18 пати годишно. Доматите 10 пати. Јаболката 36 пати.

Европа има широк систем на гранични вредности за сите видови пестициди, особено за нивните остатоци во храната. Сепак, степенот на штетност на присуство на овие хемикалии во животната средина останува прашање на проценка и варира од земја до земја. Миксот на повеќе пестициди во формули во производите е толку сложен што дури и не е вклучен во процедурите за тестирање.

Во ноември 2023 година пропадна планот за радикална регулатива што би ја преполовила употребата на пестициди до 2030 година. Од зимата, предложен е „омнибус“ закон, со кој процесите за одобрување на пестициди во ЕУ треба да станат многу поедноставни, а пречките за индустријата намалени.

Минатата година, еколошките активисти упаднаа во два производствени погони на BASF во Франција и откриле дека таму се складираат пестициди, чија употреба е забранета во ЕУ. BASF тврди дека стоката била наменета за извоз. Во тек се судски постапки.

Главниот аргумент на индустријата за употреба на пестицидите е глобалната безбедност на храната. Се тврди дека е невозможно да се нахранат осум милијарди луѓе без хемиската заштита на посевите.

Пред дваесет години имаше речиси 1.000 дозволени активни состојки, а денес има двојно помалку. Во последните шест и пол години во ЕУ се забранети 89 производи од пестициди, а само еден е новоодобрен. На земјоделците им снемува решенија, вели Пол Леонард од БАСФ, одговорен за односи со јавноста.

БАСФ бара и поголемо „разбирање“ од потрошувачите.

Некој што очекува да најде 16 сорти јаболка во супермаркетот, сите сјајни и беспрекорни, не може истовремено да каже: „Не сакам никакви пестициди овде“, додава Николаус Таке, задолжен за јавни, владини и индустриски прашања.

******
Види и: Пиво, вино, глифосат

26 мај 2026 - 11:00