Женски мозок, машки мозок, исто е

Во декември излезе студија која го објасни владеењето со различни вештини кај мажите и жените, со различниот начин на кој е поставено функционирањето на нивниот мозок. За студијата е карактеристично што ги има истите фалинки во методологијата како и сите претходни студии на оваа тема.

Прв пат идејата за разликата во функционирањето и изгледот на мозокот кај мажите и жените, ја споменува германскиот доктор Емил Хушке во 1854-та. (Кај научниците од овој период има тенденција да објавуваат слични споредби меѓу расите. Нормално во корист на белците.) Заклучоците на Хушке од 19-от век ги повторуваат и денешните невролози, кои користат нова технологија за да дојдат до старите резултати.

Вирџинија Хјуз, една од уредничките на Популар Сајанс нагласува неколку основни грешки на темата:

- Иако постојат физички разлики, тие најчесто немаат значење. Пример, студија пресметува дека волуменот на машкиот мозок е меѓу 1.053 и 1.499 кубни сантиметри, а на женскиот од 975 до 1.398. Ова преклопување значи дека не можеш по случаен избор да одредиш од кој пол е мозокот.

- Најголемиот дел од психолошките разлики меѓу половите се илузорни како и физичките. Во истражување од 2005-та анализирани се податоци од студии за разлики меѓу половите во карактеристики како агресивност, социјални вештини, математика и морално размислување. Четири-петтини од карактеристиките покажале само минимална или незабележлива разлика меѓу мажите и жените.

- Во ретки случаи кога постојат психолошки разлики, тие не можат да бидат припишани само на неврологија. Се' во мозокот е комбинација на природа и одгледување. Културата во која се одгледувани влијае на однесувањето, што пак влијае на мозокот. Од раѓање бебето е третирано различно во зависност од тоа кој пол е. Анализа на објави за новороденчиња во весник во Канада, покажала дека родителите имаат тенденција да напишат дека се "горди" кога имаат син, а "среќни" кога ќе добијат ќерка. Друга студија покажува дека мајките повеќе им зборуваат на женските бебиња отколку на машките. (Што е едно од можните објаснувања зошто девојчињата порано почнуваат да зборат.)

20 март 2014 - 10:09