
Мозоците на сите луѓе, дури и кај луѓе кои не прележале ковид-19, остареле речиси 6 месеци побрзо за време на пандемијата, покажува анализа на податоци за 1.000 луѓе. Структурните промени забележани во скенирањата на мозокот, биле највпечатливи кај постарите лица, кај мажите и кај луѓето изложени на дополнителен стрес.
Анализата на когнитивните тестови покажала дека менталната агилност се намалила само кај учесниците кои биле заразени со коронавирусот, што укажува дека побрзото стареење на мозокот не мора нужно да значи и нарушено размислување и меморија.
Студијата нагласува колку значајна била пандемиската средина за менталното и невролошкото здравје, вели Махди Мокри, компјутерски биолог од на Медицинскиот факултет на Харвард.
Тимот на Али-Реза Мохамади-Неџад од Универзитетот во Нотингем, употребил скенирања на мозок од 15.334 здрави лица со просечна возраст од 63 години од долгорочниот систем за биомедицинско следење на UK Biobank. Податоците биле анализирани од модели со вештачка интелигенција обучени да препознаваат како мозокот изгледа на различни возрасти.
Разликата помеѓу таа вредност и реалната возраст на лицето била проверена кај посебна група од 996 здрави лица што направиле две скенирања на мозокот со разлика од најмалку неколку години. Лицата со две скенирања пред пандемијата биле референтна група, со која биле споредени податоците од луѓето на кои мозокот им бил снимен пред да почне пандемијата и потоа.
Моделите заклучиле дека мозоците на луѓето кои поминале низ периодот на пандемијата остареле во просек 5,5 месеци побрзо во споредба со луѓето од контролната група. Притоа немало разлика дали лицата биле заразени со ковид или не.
Здравјето на мозокот е обликувано не само од болеста, туку и од нашата секојдневна околина, вели Мохамади-Неџад.
Стареењето на мозокот поврзано со пандемијата било најизразено кај постарите учесници и мажите, за кои е познато дека се поподложни на невролошки промени кога се под стрес отколку жените. Забрзано старееле и мозоците на лицата што биле под стрес од невработеност, ниски приходи или нарушено здравје.
Сосема друга слика покажала анализата на когнитивните тестови. Само оние што имале инфекција од SARS-CoV-2 во интервалот помеѓу скенирањата покажале знаци на когнитивен пад, како намалена ментална флексибилност и брзина на обработка. Ова сугерира дека физичкото стареење на мозокот не било доволно силно за да влијае на менталната острина за време на пандемијата.
Некои промени не предизвикуваат симптоми, а некои други бараат многу години за да се манифестира каков било симптом, вели Мохамади-Неџад.
Следниот чекор за неговиот тим е да се истражи дали ефектите се долготрајни и дали се реверзибилни.