
Проучувањето на причините за мултиплекс склерозата е тешко, затоа што се вклучени многу фактори на ризик, главно генетиката и влијанија од животната средина. Научници со децении испитувале дали автоимуното оштетување на масните обвивки на нервните клетки во мозокот и 'рбетниот мозок можеби е предизвикано од бактерии во цревниот микробиом.
За да ги стесни на минимум ризичните фактори, научен тим од Здружението Макс Планк од Минхен направил тестирања кај 81 пар идентични близнаци, од кои едниот имал мултиплекс склероза, а другиот не. Биле земени примероци од тенкото црево во кое има голема концентрација на проинфламаторните Т-клетки пред да се упатат кон мозокот и 'рбетниот мозок. При споредба на цревните бактерии кај близнаците забележана била разлика во концентрацијата кај 51 различен вид бактерии. Меѓу нив, статистички отскокнувале две - Eisenbergiella tayi и Lachnoclostridium.
Резултатите се поклопиле со наоди од Меѓународното истражување за микробиом и мултиплекс склероза, спроведено кај 1.152 лица, што потврдило дека немаат само статистички карактер.
Заради понатамошна анализа, цревните микроби од идентичните близнаци биле префрлени на здрави глувци, лабораториски модифицирани да бидат подложни на болест слична на мултиплекс склероза. Кај оние кај кои бил уфрлен микробиомот од болниот близнак се појавила парализа во рок од 12 недели. Другите останале здрави. Кај три од болните женки, непосредно пред да покажат симптоми на МС имало драматичен пораст на концентрацијата на E. tayi, која ги истиснала другите бактерии од цревата.
На крајот од истражувањето, 60% од глувците што ги примиле двете специфични бактерии имале ‘рбетни нарушувања, во споредба со помалку од 10% кај контролната група.
E. tayi и Lachnoclostridium припаѓаат на семејството Lachnospiraceae, анаероби кои обично помагаат во варењето на влакната. Повеќето од нив се сметаат за безопасни, па дури и корисни. Сè уште не е јасно што ги издвојува издвоените две бактерии, но германскиот тим забележал дека тие се хранат со шеќери од слузот кога во цревата нема доволно диетални влакна. Тоа веројатно ја истенчува цревната бариера и ги изложува имунолошките сензори на микроби.
Ова е едно од најсилните каузални тврдења досега за улогата на цревните бактерии во развојот на мултиплекс склероза, заклучуваат истражувачите.
Речиси 3 милиони луѓе во светот живеат со МС. Лековите што тие ги примаат само го забавуваат напредокот на болеста. Отстранувањето на погрешни бактерии од цревата со антибиотици со широко дејство може уште повеќе да ја влоши состојбата. Насочувањето мерки кон само две бактерии може да биде поедноставно и поефикасно отколку уништувањето на целиот цревен микробиом.
Веќе се користат антибиотици со тесно дејство, коктели и специфични пробиотици насочени кон поединечни бактерии во цревата. Слични алатки би можеле да ги спречат E. tayi или Lachnoclostridium пред да предизвикаат имунолошки проблеми.
Друг пристап вклучува додавање хранливи влакна во исхраната за да се задоволи апетитот на бактериите и за да не се префрлат на слуз. Рани испитувања на диети покажа ветувачки резултати за олеснување на симптомите.