Од 10-те најголеми опасности за здравјето на човештвото, Македонија има 8

Ја видовме Топ 10 листата на Светската здравствена организација за здравствените опасности во 2019-та година и да знаете дека во Македонија речиси сè си имаме. Уште ебола и денга да нè спопаднат па да можеме со право да кажеме дека сме „светот во мало“.

‘Здравјето е човеково право. Никој не би требало да се разболи или да умре затоа што е сиромашен или пак зашто нема пристап до основната здравствена заштита“, потсетува Тедрос Адханом, прvиот човек на Светската здравствена организација.

2019-та е почеток на новата петолетка на СЗО (2019-2023) во која организацијата сака да се фокусира на таканаречената „тројна милијарда“ - да се обезбеди основна здравствена заштита за нови милијарда луѓе, на исто толкав број да им се осигури пристап до брза помош и на милијарда луѓе да им се унапреди животот низ програми за здравствена заштита.

За оваа година, СЗО истакнува десет главни закани за здравјето на човештвото:

1. Загаденост на воздухот и климатските промени.

9 од 10 луѓе на планетава секој ден ќе дишат загаден воздух во 2019. Загаденоста на воздухот СЗО ја смета за најголемиот ризик по здравјето од надворешни фактори. Микроскопските загадувачи влегуваат во респираторните системи, ги оштетуваат белите дробови и срцето и секоја година предвреме умираат 7 милиони луѓе, од болести како рак, инфаркт, мозочен удар, болести на белите дробови.... Околу 90% од умирачките се случуваат во земји со ниски или средни приходи, земји кои имаат големи волумени емисии од индустријата, транспортот и земјоделството, и во кои домаќинствата масовно користат стари печки на дрва или нафта. 

2. Непреносливи и хронично неизлечиви болести

Овој тип болести, кои ги вклучуваат дијабетесот, карциномите и кардиоваскуларните болести, се виновник за 70% од смртните случаи низ целиот светот, што годишно изнесува 41 милион луѓе.

3. Глобална пандемија на грип

Човештвото ќе се соочи со уште една пандемија на грип, само што никој не знае каде ќе се случи и колку ужасна ќе биде. СЗО постојано ја мониторира циркулацијата на инфлуенцата низ светот за да детектира потенцијални пандемични гранки на ширење. Во тој систем на мониторинг учествуваат 153 институции од 114 земји.

4. Подрачја со слаба здравствена заштита поради условите за живот

Преку 1,6 милијарди луѓе или околу 22% од вкупната светска популација, поради претрпени кризи (суши, глад, конфликти, раселување) и слаби здравствени служби, живеат без пристап до основната здравствена грижа. 

5. Отпорност на вирусите и бактериите кон лекарства

Развојот на антибиотици, антивирусни и други лекови беше еден од најголемите медицински успеси. И потоа претеравме со нив. Види: „Сиромавиот два пати пати

6. Ебола и слични патогени

Само минатата година, во ДР Конго се случија две епидемии на ебола кои беа потенцијално погубни за еден милион луѓе. Во една од заразените зони па и војна имаат. На листа за посматрање се и зика, хеморагични трески, нипа, блискоисточниот респираторен коронавирус, САРС, икс и други познати екстремно опасни патогени, башка што можат да се појават и непознати.  

7. Лоша основна здравствена заштита

Дека сериозно ќе поработи на тој проблем човештвото се заколна уште во 1978 година со Декларацијата од Алма Ата. Лани во Астана, Казахстан, се обнови заклетвата, ама резултатите се тенки.

8. Антиваксери

Парадоксалните, но неверојатно тврдоглави противења на вакцинирањето се закануваат на човештвото да му ги вратат болестите што одамна се сметаат за искоренети. Иако процените велат дека благодарение на вакцините се спасуваат меѓу 2 и 3 милиони животи годишно (а уште 1,5 милиони би можеле да се спасат ако нивото на вакцинација се подобри), лани имаше 30% повеќе случаи на сипаници. Види: Како малите сипаници инкубираа на македонскиот дел од Фејсбукот

9. Денга

Болеста што ја носат комарците предизвикува симптоми слични на грип а може да биде смртоносна и убива околу 20% од заразените. Обично се распламтува во дождливите сезони во Бангладеш и Индија, но почнува да се шири и во земји за кои не била вообичаена, како што е Непал и други. Се проценува дека 40% од светот може да биде зафатен со евентуална епидемија и притоа да бидат заразени 390 милиони луѓе.

10. ХИВ

Против ХИВ-от е забележан исклучителен напредок со антиретровирали, кои се даваат и како терапија и превентивно. На терапија со нив моментално се околу 22 милиони луѓе во светот. Па сепак, годишно овој вирус и натаму коси еден милион луѓе. Од почетокот на епидемијата се заразени 70 милиони луѓе, 35 милиони се умрени. Околу 37 милиони живеат со вирусот во себе. Посебно ранливи се групи кои не се под редовна здравствена контрола. Во супсахарска Африка, на пример, најризична група се девојките и жените од 15 до 24 години; една од четири жртви е од оваа категорија, иако тие во вкупната популација учествуваат само со 10%.

Малку оптимизам за крај: Македонското здравство ги знае приоритетите

 

18 јануари 2019 - 16:47