Пластиката е глобален проблем од 1.500 милијарди долари

Пластиката е сериозно потценет проблем за здравјето на луѓето и за општо за планетата. Ги загадува воздухот, земјата и морињата и се таложи во сите можни органи. Пластичниот отпад се мери со милијарди тони, а штетата со илјадници милијарди долари годишно. Но петродржавите и моќната индустрија ги блокираат сите глобални обиди за ограничување на производството и инсистираат на рециклирање.

Пластиката се смета за евтин материјал, но нова студија во водечкото медицинско списание Лансет укажува дека штетата врз здравјето од само три пластични хемикалии - PBDE, BPA и DEHP - во 38 земји изнесува 1.500 милијарди долари годишно.

Производството на пластика се зголемило за повеќе од 200 пати во изминатите 75 години. Во 1950 година биле произведени 2 мегатони, во 2022 година 475 мегатони, а проекциите се дека во 2060 година ќе бидат произведени 1.200 мегатони пластика. Најбрзото зголемување е забележано во производите за еднократна употреба, како што се шишиња за пијалоци и садови за брза храна.

Загадувањето со пластика се зголеми на 8 милијарди тони, од Монт Еверест па се до најголемите океански длабочини. Помалку од 10% од пластиката се рециклира.

Во пластиката се користат повеќе од 16.000 хемикалии, вклучувајќи полнила, бои, средства за забавување на пламенот и стабилизатори. Во извештајот се вели дека многу пластични хемикалии се поврзани со здравствени ефекти во сите фази од човечкиот живот. Се забележува и дека нема транспарентност кои хемикалии се присутни во пластичните производи.

Пластичниот отпад често се разградува на микро- и нано-пластика која влегува во човечкото тело преку вода, храна и дишење. Честичките се пронајдени во крвта, мозокот, мајчиното млеко, плацентите, спермата и коскената срцевина. Тие се поврзани со мозочни и срцеви удари.

Најзагрозени се најранливите популации, особено доенчињата и децата. Штетата врз здравјето создава огромни економски трошоци, предупредува професорот Филип Ландриган, педијатар и епидемиолог на Бостонскиот колеџ во САД и главен автор на новиот извештај. 

Анализата покажала дека фетусите, доенчињата и малите деца се многу подложни на штети од пластиката. Таа се поврзува со зголемен ризик од спонтан абортус, предвремено раѓање и мртвороденост, вродени дефекти, нарушен раст на белите дробови, рак кај деца и проблеми со плодноста подоцна во животот.

Прегледот е објавен пред шестата и веројатно последна рунда преговори за правно обврзувачки глобален договор за пластика за справување со кризата. Повеќе од сто земји, поддржани од 1.100 научници, бараат поставување производствени рамки, но нафтените држави како Саудиска Арабија и лобисти на моќната индустрија го попречуваат преговорите, тврдејќи дека фокусот треба да биде пренасочен кон засилено рециклирање. За разлика од хартијата, стаклото, челикот и алуминиумот, хемиски сложената пластика не може лесно да се рециклира.

Пластиката ги загрозува луѓето и планетата во секоја фаза, се вели во прегледот, од екстракцијата на фосилните горива од кои е направена, преку производството и употребата до отстранувањето на отпадот. Повеќе од 98% од пластиката се прави од нафта, гас и јаглен. Енергетски интензивниот процес на производство ослободува во атмосферата 2 милијарди тони CO2 годишно - повеќе од Русија, четвртиот најголем загадувач во светот.

Пластиката загадува и кога ќе ја заврши намената. Половина од пластичниот отпад неконтролирано се пали на отворено, што го полни воздухот со отровни хемикалии, но се таложи и во почвата, подземните води и морињата. 

4 август 2025 - 08:10