Откако низ САД се рашири сторијата за една поранешна банкарка на Велс Фарго која признава дека со стресот на работа се справувала со пиење антисептик за раце, Њујорк тајмс објави опширно објаснување зошто не треба да го правите тоа.
Прво и основно консумацијата на антисептикот може да предизвика труење со алкохол, па дури и смртен случај, а најголемиот дел од жртвите не се банкари или слично напнати професии, туку деца на возраст под 6 години кои го случајно го нашле антисептикот по дома и го испиле.
Најголем број од возрасните што го пијат ова, или се во болница на лечење, или на откажување од алкохол, или во затвор, или се обидуваат да се самоубијат.
Минатата година во САД имало речиси 20.000 случаи на труење со антисептик за раце, раст од речиси две илјади од пред 2 години. Од овие 20.000 случаи најголемиот број се деца кои случајно биле изложени на антисептикот или ги излижале своите раце откако биле намачкани со него. Само 1.394 случаи биле последица на намерно консумирање на течноста.
Сомнежот на докторите околу демографијата на оваа група е дека најголемиот дел од случаите на труење и пиење алкохол не се пријавуваат, а во записник најредовни се децата заради паниката на нивните родители.
Производителите на антисептик проблемот со пиењето на нивниот производ го имаат воочено пред Тајмс, па најголемите брендови на американскиот пазар во својот производ додаваат состојки со непријатен вкус за да го направат помалку привлечен за консумација.
Она што пиењето антисептик го прави привлечно за алкохоличарите, е дека тој е полесен за носење со себе и помалку воочлив, отколку да носиш шишенце алкохол.
"Никој нема да те посомнева ако те види како носиш мало шишенце гел за раце во торба. Ако те видат со шишенце вотка од мини-бар, ќе почнат да поставуваат прашања. Па јасно е зошто некој така би размислувал во стресна околина," објаснува др. Вилијам Еглстон од Центарот за отрови на Њујорк.
Проблемот со антисептикот е што тој е посебно опасен заради високиот процент на алкохол, и дека содржи изопропил (а.к.а. алкохол за триење) кој е екстремно потентен, па дури и мали количини од него можат да предизвикаат труење.