"Хокинг не би требало да може да ги прави работите кои сега ги прави. 73-годишниот научник не би требало да може да изразува загриженост околу вештачката интелигенција или капацитетот на човештвото за самоуништување. И дефинитивно не би требало да може да ги посетува БАФТА наградите сместен во инвалидска количка која го разнесува наоколу со децении... но сепак, може," пишува Теренс МекКој во Вашингтон Пост.
МекКој објаснува дека е тешко да се пренагласи смртоносноста на Лу Гериг болеста. Пореметувањето може да затекне кого било. Прво ги ослабува мускулите, па ги растура, по што следува парализа, за на крај да му ја одземе на пациентот способноста да зборува, голта, па дури и да дише. Според АЛС асоцијацијата, пациент по дијагностицирањето на оваа состојба може да очекува просечен животен век од 2 до 5 години. Околу 50% минуваат над 3 години. Помалку од 5 проценти дочекуваат да доживеат 2 децении. На Хокинг болеста му е дијагностицирана во 1963-та.
"Тој е извонреден. До сега не сум свесен дека некој успеал толку долго да преживее со АСЛ. Она што е невообичаено не е само времето на траење, туку изгледа и како болеста да се потроши. Тој изгледа како да е релативно стабилен. Ваков вид на стабилизација е екстремно ретка," изјави во 2002-ра за Британскиот медицински журнал професорот по клиничка неврологија, Најџел Леј.
Уште нема точно објаснување како ова му успева на Хокинг, со тоа што некои дури се сомневаат дека тој воопшто страда од оваа болест. Едно од најодржаните објаснувања е дека самата болест кај Хокинг уште од почеток била многу поинаква. Прво, таа обично се јавува подоцна во живот, просекот е околу 55 години, додека кај него таа прв пат е дијагностицирана на 21 година, кога тој е на трета година факултет. Научниците знаат дека и колку е помлад пациентот на кој му е дијагностицирана болеста, толку ќе биде подолг неговиот животен век. Меѓутоа овој фактор го крева просекот на 10 години, и не објаснува како Хокинг издржа 5 пати повеќе од тоа.
Според Лео МекКласки од Универзитетот на Пенсилванија, болеста убива на два начини, со тоа што ги напаѓа мускулите за дишење и пациентот во основа се задушува, или од мускулите за голтање, што резултира со дехидрирање и неухранетост, меѓутоа "ако ги немаш овие две работи, тогаш потенцијално можеш да живееш долго време."
Во своја "одбрана" Хокинг објаснува дека крајно многу му помогнала фокусираноста на неговата работа, и дека делува во поле во кое неговиот инвалидитет не е сериозен хендикеп.