Како политиките на СЗО беа изместени од многу сомнителни податоци

База на податоци која успева да се протне низ сите филтри за објавување студии во двата водечки светски медицински журнали (Лансет и Њу Ингланд џурнал оф медисин) и со таа тежина зад себе да ги измени политиките на СЗО (и некои влади) во врска со ковид-19 излезе дека најверојатно е измама и дека треба да се дисквалификува.

Се работи за базата на податоци околу коронавирусот составена од малата американска компанија Сурџисфер, која на листата на вработени (во пикот, вкупно 11) има автор на научна-фантастика и модел за содржини за возрасни, а ЦЕО-то на компанијата истовремено е ко-автор на студиите за ковид-19 објавени во двата журнали.

Гардијан спроведува истрага околу целата работа во која заклучува дека компанијата до сега не успева адекватно да ги објасни своите податоци ниту методологијата.

Податоците за кои Сурџисфер тврди дека легитимно ги добила од повеќе од илјада болници низ светот беа основа која доведе до промена на политиките за третирање на ковид-19 во латиноамериканските држави, а истовремено на нив се базира одлуката на СЗО (и бројни институти низ светот) да ги прекинат студиите околу хидроксихлорокин.

Истрагата на Гардијан открива дека:

- Пребарување на јавно достапните материјали покажуваат дека неколку вработени на Сурџисфер имаат мала или воопшто немаат каква било научна биографија. Авторот на научна фантастика во компанијата е ангажиран како уредник за наука, а директорката за маркетинг им е модел за возрасни и хостеса.

- ЛинкдИн страната на компанијата е следена од помалку од 100 луѓе и до минатата недела на нејзе беа наведени само 6 вработени. По истрагата на Гардијан ова е намалено на 3.

- Иако Сурџисфер тврди дека ја има една од најголемите и најбрзо растечки дата-бази на болници во светот, тие немаат речиси никакво он-лајн присуство. Нивната Твитер сметка има само 170 следачи, и нема ништо објавено од октомври 2017 до март 2020.

- До понеделникот, контакт линкот на нивната веб-страна, редиректира на Вордпрес темплејт за сајт за криптовалути, „зголемувајќи ги сомнежите околу тоа како болниците би можеле лесно да ја контактираат компанијата за да се приклучат кон базата на податоци“.

- ЦЕО-то и ко-автор на студиите, Сапан Десаи, е наведен во три тужби за несовесно практикување медицина (кои не се поврзани со базата на податоци на Сурџисфер).

- Во 2008 Десаи започнува краудфандинг кампања на Индигого за „следната генерација на уред за аугментација кој може да ви помогне да го постигнете тоа што никогаш не сте помислувале дека е возможно“. Уредот никогаш не се појавува.

Сапан Десаи

На 22 мај Лансет објавува „блокбастер рецензирана студија“ во која се заклучува дека лекот против маларија, хидроксихлорокин, кој беше промовиран од Трамп, се поврзува со повисока стапка на смртност кај ковид-19 пациенти и зголемени срцеви проблеми.

Во студијата, чиј ко-автор е Десаи, се тврди дека се анализирани податоците на Сурџисфер собрани од речиси 15.000 пациенти со ковид-19, од 1.200 болници во светот, кои имаат примено хидроксихлорокин, сам или во комбинација со антибиотици.

Резултатите стануваат глобална вест, заради што и СЗО ја прекинува глобалната студија во која се истражуваше влијанието на хидроксихлорокин.

Само неколку дена подоцна Гардијан Австралија посочува очигледни грешки во податоците за Австралија. Во студијата се тврди дека истражувачите имале пристап до податоците на Сурџисфер од 5 болници, во кои се наведени 600 австралиски пациенти со ковид-19 и 73 австралиски смртни случаи до 21 април. Меѓутоа податоците од Џон Хопкинс Универзитетот покажуваат дека во Австралија до 21 април има 67 смртни случаи, а дури на 23 април бројот расте на 73.

По ова Лансет објавува поправка која се однесува на бројките за Австралија, но остатокот од студијата останува. Гардијан потоа контактира пет болници во Мелбурн и две во Сиднеј, чија соработка би била клучна за добивање на австралиските бројки, и сите негираат какво било учество во базата на податоци, дополнувајќи дека никогаш не чуле за Сурџисфер.

Друга студија базирана на податоците од Сурџисфер, а чиј ко-автор повторно е Десаи, открива дека лекот против паразити Ивермектин ја намалува стапката на смртност кај сериозно болните од ковид-19. Студијата е објавена он-лајн во е-библиотеката на ССРН (Social Science Research Network), пред да биде рецензирана или објавена во медицински журнал, и ја убедува владата на Перу да го додаде Ивермектинот на националната листа на терапии за ковид-19.

Њу Ингланд џурнал оф медисин исто така објавува рецензирана студија на Десаи базирана на податоците од Сурџисфер, која вклучува податоци од ковид-19 пациенти од 169 болници од 11 држави во Азија, Европа и Северна Америка. Во нејзе се заклучува дека лекарствата за срце познати како ангиотензин ензим инхибитори и ангиотензин рецептор блокатори не се поврзуваат со зголемен ризик од наштетување на ковид-19 пациенти.

По сите овие податоци, Лансет и Њу Ингланд џурнал оф медисин, објавија „изразување на загриженост“ околу студијата за хидроксихлорокин, во која како водечки автор беше наведен почитуваниот васкуларен хирург Мандип Мехра, а Десаи се јавува како ко-автор. Лансет најави и дека ќе спроведе дополнителна истрага и ревизија на користените податоци.

Наведувајќи ги своите сомнежи околу Сурџисфер, Гардијан пишува дека она што најмногу ја збунило научната заедница е како компанијата основана во 2008, за печатење учебници, станала сопственик на база на податоци од 96.000 пациенти од 1.200 болници низ светот (според бројките на Сурџисфер).

Самиот Десаи тврди дека неговата компанија има 11 вработени, бројка што не е ни приближно доволна за спроведување на така обемна глобална студија во рок од неколку недели, и истата да биде подготвена за објавување во журнал од типот на Лансет.

Во разговорот со Гардијан, Десаи сето ова го објаснува со „користиме доста вештачка интелигенција и машинско учење за колку можеме повеќе да ги автоматизираме овие процеси“.

Сведувајќи ја недовербата кон Сурџисфер на најбазични проблеми, Гардијан пишува дека не е јасно како компанијата успеала да добие договори за споделување на податоци со толку многу болници низ светот (1200), вклучувајќи и болници со ограничена технологија, да ги уедначи различните јазици и системи на кодификација, и за сето тоа време да остане во законските и етички правила за заштита на податоци во секоја од државите во кои се наоѓаат болниците.

Ставот на главниот дата научник на меѓународната консултантска компанија Ноус груп, Питер Елис, која работи проекти за интегрирање на податоци за владини сектори, е дека дата-базата на Сурџисфер „речиси сигурно е измама“.

„Ова не е нешто што која било болница може да го спроведе. Де-идентификација не значи само прешрктување на името на пациентите, тоа е голем и тежок процес. Се сомневам дека болниците воопшто имаат капацитет ова да го направат соодветно. Тоа е нешто на кое цели тимови на националните агенции за статистика работат со години.

Нема никаков доказ на интернет дека Сурџисфер има каков било аналитички софтвер до пред една година. Потребни се месеци за да се натераат луѓе дури и да погледнат кон приклучување кон овие дата-бази, за тоа се потребни бордови за мрежна рецензија, луѓе за безбедност, и менаџмент. Тоа не се случува само со формулар за зачленување и разговор,“ изјавува Елис.

Ништо од информациите од базата на податоци на Десаи не јавно објавено, вклучувајќи ги и имињата на болниците.

Моментално студијата објавена во Лансет е оспорена од 120 доктори.

3 јуни 2020 - 16:17