Во февруари истражувачите од Станфорд објавуваат студија под наслов Диетфитс, која трга од сосема поинакви претпоставки и стига до заклучок дека луѓето комплетно различно реагираат на исти диети што ограничуваат масти или јаглен-хидрати (двата принципи на кои се базираат мноштвото диети).
Во студијата 609 учесници биле поделени на две групи, едните на исхрана со ригорозно ограничување масти, другите со ригорозно ограничување јаглен-хидрати. Двете групи вака тераат цела година, притоа постојано се под надзор на истражувачите, плус доктори и нутриционисти. Просекот на слабеење на членовите на двете групи бил речиси ист 4,9 килограми ослабеле тие без масти, 5,9 тие без јаглен-хидрати.
Проблемот е што просекот, како и секоја добра статистика, е прилично лажлив, и во него се кријат варијации на лични резултати, па додека поединци ослабеле 27 килограми во овој период, други, од истата група, се здебелиле за 9 килограми.
Џулија Белуз од Вокс разговара со четворица од учесници во испитувањето. Дон и Денис, кои се на диета со рестрикција на масти, и Тод и Елизабет кои се на рестрикција со јаглен-хидрати. Дон и Тод успеваат да симнат сериозна килажа, додека Денис и Елизабет, малку или пак качиле килограми.
Заклучокот на Белуз е дека типот на диета, има многу мала врска со тоа дали тие успеале да ослабат или не.
1. Работата
Тод, кој симнал околу 27 килограми, на Белуз и признава дека најголем придонес во неговото слабеење има тоа што сменил работа, со што следувала и промена на дневните навики.
Кога ја почнува диетата, тој работи како електричар за медицинска компанија. Како дел од работата му се постојани посети на болници за контрола или сервисирање на опремата. По пат од еден состанок на друг редовно застанува во сендвичара или слично.
За време на диетата, Тод ја менува позицијата и од интервенции на терен се префрла на канцелариска работа, како ИТ поддршка во канцеларија на неколку километри од неговиот дом. Со ова тој почнува да подготвува оброци за себе, има повеќе време за вежбање и за набавка на здрава храна.
Од друга страна, Денис за време на истиот период симнува само 4 килограми. Тој пак цел ден е пред компјутер, откако речиси еден час вози до работа (и уште толку има на враќање). Обично јаде брза или пакувана храна, а заради работата не му останува време и енергија за физичка активност или планирање на оброците.
2. Околината
Елизабет ја следи диетата со рестрикција на јаглен-хидрати, меѓутоа за 1 години само успева да се здебели, околу 3 кг. Елизабет е доселена во САД од Германија, и според нејзе токму промената на средината и прифаќањето на нов животен стил, го спречува нејзиното слабеење.
По нејзини зборови, додека е во Германија семејството ретко јаде во и од ресторани, и претежно оброците ги готват дома. Плус на ова е што користи јавен превоз и секој ден пешачи до дома „во Европа е супер лесно да минеш 10.000 чекори, не обрнуваш внимание на тоа, ниту пак се трудиш.“ Наспроти тоа, во Калифорнија таа се чувствува зависна од автомобилот, плус е далеку поголем предизвик во ресторан да се јаде нешто здраво, бидејќи доминантното мнозинство од храната е или преработено или преполно со шеќери, и задолжително „се служи во џиновски порции.“
3. Здравјето на семејството
Дон Дијаз симнува 21 килограм. Нејзината диета без масти е надополнета со конкретна ситуација од која добива мотивација - сестра и е дијагностицирана со рак, што ја тера Дон да почне да се труди да тера здрав живот. Во исто време и ќерка и развива проблем со јадење.
Комбинацијата од сите овие проблеми, а не само бројката на вагата, и помагаат на Дон да се воведе во ред. Пред почетокот на диетата таа има 97,5 килограми.
4. Квалитетот на исхраната е поважен од тоа дали ќе пазиш на јаглен-хидрати или на масти
Графиконот од студијата покажува дека и двете групи, кои се поделени без никакви посебни предуслови, имаат речиси идентичен број на ослабени поединци, и оние на кои тоа не им успеало.
Карактеристично за Дон и за Тод е што тие не ги чувствуваат диетите како измачување, туку уживаат во учење нови работи и здраво подготвување на храна, по насоките на нутриционистите.
Додека горниот пар слабее благодарејќи на фокусирање на квалитетот на продуктите што ги консумира, за Денис и Елизабет ваквото пазење не носи резултати. За Денис и понатаму е мака тоа што одбива џанк-фуд и не е многу мотивиран да подготвува храна по насоки на нутриционистите, додека за Елизабет поважно е како да намали калории и обем на порции, отколку да се фокусира на здрава храна.