
Децата на возраст од 9-10 години што се макар малку поактивни на социјалните медиуми од своите врсници, неколку години подоцна како тинејџери покажале послаби когнитивни способности, покажува студијата објавена во журналот ЈАМА.
Клучно е да се разбере како користењето на социјалните медиуми за време на училишните часови конкретно влијае на учењето, особено затоа што толку многу училишта размислуваат за забрани за мобилни телефони, вели авторот на студијата, педијатарот Џејсон Нагата од Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско.
Истражувачите анализирале податоци од Студија за когнитивен развој на мозокот кај адолесцентите, во која бил следен развојот на 6.000 деца на возраст од 9 и 10 години во периодот на адолесценцијата. Тие биле анкетирани за употребата на социјалните медиуми еднаш годишно, а на секои две години биле тестирани нивните знаења за читање и паметење.
Децата биле поделени во три групи. Во најголемата група биле 58% од децата што малку или речиси воопшто не користеле социјални медиуми. Во втората група биле 37% од децата што почнале да користат социјални медиуми и до возраст од 13 години веќе поминувале по околу 1 час на ден. Преостанатите 6% биле деца што поминувале по повеќе од три часа на социјални медиуми.
На сите групи им биле дадени низа тестови за нивното когнитивно функционирање на почетокот на студијата и во раната адолесценција. Тестот за препознавање на усно читање ги испитувал нивните вештини за читање и речникот, а на тестот за визуелен вокабулар требало со соодветни зборови да опишат слики.
Користејќи ги резултатите од првата група како референтни, умерените корисници на тестовите имале за 1 до 2 поени помалку, а најактивните корисници имале послаби резултати за 4 до 5 поени.
Иако разликата од неколку поени во резултатите од тестовите може да изгледа незначителна, оваа мала промена во краток временски период значи дека тие сега се насочени кон различна патека. Тоа значи дека по две, три или по пет години ќе зборуваме за многу значајни празнини помеѓу децата. Ако нивниот мозок се прилагодува за активности на социјалните медиуми, можеби нема да биде оптимизиран за други работи, објаснува психологот Мич Принштајн од Универзитетот на Северна Каролина.
Тој забележува дека адолесценцијата е критичен период за развој на мозокот, кога тој ја формира својата архитектура врз основа на искуствата.
Ако се исклучи првата година кај бебињата, во адолесцентниот период има најголем раст и најголема реорганизација на мозокот во нашите животи, вели Принштајн.
Во посебна студија врз основа на истите податоци, тимот на Нагата открил други вознемирувачки трендови. Две третини од децата почнуваат да ги користат социјалните медиуми пред да наполнат 13 години и во просек имаат по три различни профили. Забележани биле симптоми на зависност од смартфони кај деца на возраст помеѓу 10 и 14 години.