Деца со аутизам добија дозвола да излезат и да си играат во италијански парк

Иако светско жариште, иако извор на најтрагичните вести и статистики повеќе од еден месец, Италија им овозможи на деца со аутизам да излезат од дома и да си играат во парк, кој посебно се реорганизираше за нивните потреби.

Се работи за парк во Римини кој се активираше исклучиво за деца со аутизам, а целата операција се одвива под строг систем на закажување. Децата можат да го посетат паркот само 2 пати неделно на неколку часови, а за да се одржи социјалното дистанцирање во исто време само 2 семејства може да има во паркот.

Изолацијата посебно ги погоди децата (и останатите) со аутизам, чии дневни рутини и редовни активност беа нарушени од неможноста да излезат од дома.

„Има денови кога сака да излезе надвор. Покажува кон вратата и гестикулира дека сака да излезе надвор, но не можеме да излеземе.

Тешко ми е да му објаснам дека не можеме да излеземе, дека неговата рутина сега не постои. Дека сè што правеше на училиште, со специјалните учители... дека сега нема ниту училиште, ниту учители, ниту центар за специјално образование, ниту пливање. Дека неговата рутина сега е седење дома. Сега тој е врзан за таблетот бидејќи во спротивно е тежок за менаџирање.

За нашите деца е екстремно важно да можат да излезат од дома најмалку еднаш или два пати неделно. Неопходно им е.

Мораат да излезат надвор и да не се плашат да бидат на отворен простор, бидејќи има деца со аутизам кои се плашат кога ги носат надвор,“ порачува Никола Копа, татко на едно од децата кое го посетува паркот во Римини.

Моментално се работи на тоа како на возрасните со аутизам да им се овозможи излегување од дома на одредено време.

21 април 2020 - 10:30