Зошто сакаме моќ?

Според една нова студија на ова тема, испаѓа дека моќта ни е секси не за да ја практицираме врз други луѓе туку за да имаме слобода за себе. Научно би рекле: Дај боже да е така.

На моќта ѝ е потребен објект, некој или нешто врз коешто таа ќе се практикува.

Но контролата врз луѓе и предмети е само една од привлечните страни на моќта. Така сугерира нова студија која вели дека луѓето кои посакуваат моќ најчесто всушност сакаат да се контролираат - себеси.

Истражувачите од универзитетите во Келн, Гронинген и одУниверзитетот Колумбија зборуваат за два концепта на моќ - моќ како влијание, и моќ како автономија.

„Моќта како влијание се изразува преку контрола врз другите, што може да вклучува и одговорност за тие други", пишуваат тие. „За разлика од ова, моќта како автономија е таква форма на моќ која му овозможува на човек да го игнорира и да му дава отпор на влијанието на другите, и оттаму да ја држи в раце својата судбина".

Но нивното прашање всушност е: која од овие две верзии повеќе би ја задоволиле човечката желба за моќ?

Во првиот дел од студијата 100 учесници требало да замислат дека им е понудено напредување на работа. На некои од нив им било кажано дека тоа би им дало поголемо влијание врз потчинетите, но помалку автономија; на другите им било речено дека би имале повеќе автономија да си ги одредат целите, но помалку влијание. Ниедно сценарио не вклучувало зголемување на платата. Кога биле прашани дали би ја прифатиле новата улога, 62% од луѓето во групата каде се нудела повисока автономија ја прифатиле промоцијата, а само 26% тоа го направиле во групата каде се нудело високо влијание. Истите резултати се појавиле и при повторената анкета, во која на сите учесници им биле понудени и двете опции.

За следниот експеримент, 40 студенти од Холандија играле канцелариски улоги, при што некои од учесниците ја играле улогата на менаџери а другите на асистенти. На учесниците им било кажано дека треба да комплетираат список задачи - некои забавни, некои досадни - а дека менаџерите би требало да ги поделат задачите. Резултатите покажале дека асистентите биле помалку среќни, искусиле помалку автономија и помалку влијание, и имале поголема желба за моќ од менаџерите. Но во рамки на асистентите, оние кои најсилно го почувствувале тој недостаток на автономија истовремено биле и оние кои повеќе копнееле по моќ. Чувството на недостаток на влијание не го имало истиот ефект.

И по трета студија, во две групи Американци и една група Индијци, во која учесниците требало да се сетат на ситуација во која имале моќ над други луѓе, или некој друг имал моќ над нив се покажало следново: дека чувството на автономија е во спрега со желбата за дополнителна моќ, а дека влијанието или воопшто не е, или е во многу послаба врска со истата желба.

Со други зборови, она што до сега се мислеше за моќта се покажува како неточно - кога луѓето велат дека ја сакаат, всушност несвесно велат дека сакаат автономија. А кога ќе добијат автономија, престануваат да сакаат (повеќе) моќ.

Тоа дека луѓето би ја вреднувале автономијата пред влијанието е во согласност со теоријата на самоопределување, психолошка теорија која сугерира дека автономијата е една од основните човечки потреби, заедно со воспоставувањето врски со други луѓе и компетенцијата. Според оваа теорија влијанието не е потреба. Моќта едноставно прави да се чувствуваме послободни кога донесуваме одлуки, а пак тоа директно влијае врз нашето чувство на самоувереност и благосостојба.

Студијата спомнува водачи како Наполеон, Цезар, Обама и Путин, како и фиктивни лидери од типот на Дарт Вејдер и Саурон, и вели: „Чувството на автономија на овие моќни поединци не е видливо: тоа се отсликува во отсуството на пречки, во тоа што нивните планови не пропаѓаат, што нивните амбиции не се осуетени". Токму ова отсуство и оваа невидливост беше причината за досегашното погрешно разбирање на она што ја раководи желбата за моќ.

24 март 2016 - 14:55