Слепи по свој избор

Ако ви побараат да направите избор меѓу две работи - две лица или двајца политичари - веројатно сте убедени дека добро ги знаете причините зошто сте одбрале А наместо Б. Но, дали е така? Шведски психолог мисли дека не е.

Шведскиот експериментален психолог Петер Јохансон по малку си игра и со илузионистички трикови и знае неколку од оние финти со карти и слично. Илузиoнистите одамна го знаат и го користат феноменот на „слепило на промената“, кога со вешто изместување на вашата концентрација, можат да ви сменат карта без да забележите. 

Ова го навело да се обиде да расветли уште еден феномен, наречен слепило по избор. А тоа оди вака: на луѓе им покажува по една фотка од двајца луѓе и треба да се одбере оној што повеќе те бендисува. Потоа им се дава таа фотографија и се бара од нив да објаснат зошто ја избрале таа фаца и да го оправдаат изборот. Тоа што тие не знаат е дека во меѓувреме Јохансон вешто им ги менува фотографиите и им ја дава фацата на оној кој НЕ го избрале. Ама на овие тоа не им пречи (пошто не приметуваат) па почнуваат да објаснуваат зошто го избрале тој што го држат во рака, а кој не го избрале.

Работата оди дотаму што луѓето се подготвени да го објаснуваат својот манипулиран избор подвлекувајќи работи кои ги немало во нивниот оригинален избор. На пример, ќе речат, ми се допаѓа овој лик заради обетките, иако во она што сами првично го одбрале немало обетки.

Не се работи за мала група слепци. Само една четвртина од испитаниците на Јохансен успевале да ја забележат измамата. Другите терале така што упорно и убедливо објаснувале предности на нешто што не избрале.

Тоа.

Ви текнува како некои одбраа „нема правда нема мир“, во меѓувреме им увалија сменето име и комплетно разбуцана држава, ама уште веруваат дека Љубе и малиот Ружин како советници, 500.000 евра за невладини да ширеле свесност за корона и сите други бедотии кои ни се случуваат,  бил вистинскиот историски избор?

4 октомври 2020 - 22:24