Бил Гејтс неодамна препорача пет книги за летна лектира, меѓу нив и "Сапиенси: Кратка историја на човештвото" од Јувал Харари.
Во неа се преиспитуваат општествените консеквенци на забрзаниот развој, експлозијата на технолошкиот напредок и развојот на вештачката интелигенција, прашања кои секогаш предизвикувале спротивставени мислења: по едни технолошкиот развој ќе го ослободи човекот од многу мачни и непотребни активности па ќе му остане повеќе време за неговото длабоко ЈАС, по други, таквиот развој ќе го парализира човештвото кое ќе стане роб на напредната технологија.
Харари е повеќе загрижен од втората опција. Според него, една од најголемите закани на 21-от век ќе биде создавањето класа од бескорисни луѓе. Тоа се луѓе кои заради роботите и вештачката интелигенција ќе останат без работа и веќе никогаш нема да можат повторно да се вработат, со оглед на драматичните промени на пазарот на трудот и технологијата.
Ритамот на тие промени доведуваат до ситуација човек да не може да се опреми и оспособи за иднината: она што го учи кога е време за учење ќе биде бескорисно кога ќе дојде време тоа работно да се искористи.
Харари напоменува дека употребениот термин "бескорисни" важи за политичката и економската а не и за моралната сфера.
Тој претпоставува дека без изгледи да бидат продуктивни, луѓето ќе немаат причина ни да станат од кревет што државата и другите центри на моќ можат да го искористат контролирајќи ја нивната среќа со помош на фармацијата и примамливоста на виртуелните светови.