Теоријата (карикирано) вели: ако некој Џон од Њујорк почне да бара некоја Сузе од Драчево, тој ќе ја најде спојувајќи шест луѓе во синџир, на чиј крај ќе биде дотичната како седма. Но „шест степени на разделување" можеби важело во 1929 кога ја промовирал унгарскиот писател Фриџес Каринти во неговиот расказ „Синџири". Денес, со помош на социјалните мрежи поврзувањето оди многу поефикасно.
Според извештај што неодамна го објави Фејсбук на својот блог, „помеѓу кои и да било двајца луѓе на светот стојат три и пол други". Статистиката зема предвид 1,9 милијарди луѓе активни на Фејсбук, кој очигледно се третира како свет сам по себе. Последен пат ваква статистика е направена во 2011, кога Фејсбук во соработка со истражувачи од Корнел и од Универзитетот во Милано, врз основа на 721 тогашни корисници на социјалната мрежа, добил 4,5 степени на разделување. Сега речиси двојно луѓе го користат сајтот, меѓусебното поврзување е поголемо, па оттаму се намалува и дистанцата од еден до друг човек.
Во спомнатиот расказ на Каринти ликовите играат игра во која треба да пронајдат колку луѓе стојат помеѓу нив и добитник на Нобел или работник во фабриката на Форд. Нивниот заклучок е: „Планетата Земја никогаш не била толку мала како сега". Да повториме, се работи за 1929.
Ова го потврдила и студија на контроверзниот професор по психологија Стенли Милграм од 1967 (за чии вознемирувачки експерименти претходно пишувавме тука), кој го констатира истиот феномен на „светот е мал". Тој на волонтери во истражувањето им дал имиња на случајно избрани луѓе од друга американска држава и пакети коишто требало да им се испратат, од човек на човек. И тој негов експеримент, иако подоцна критикуван, ја дал бројкате 6, која до сега беше магична.
Николас Кристакис, авторот на „Поврзани: изненадувачката моќ на нашите социјални мрежи и како тие ни го моделираат животот" ја објаснува нашата фасцинација од тоа во туѓинците да препознаеме некој колку-толку близок со еволутивната потреба да - преживееме. Средовековните витези кои се среќавале среде пат прво си ги споредувале родовските стебла, па ако имале некој заеднички пра-вујко се симнувале од коњите и се прегрнувале. Но ако таква сродност немало, тогаш можеле да се борат до смрт. Накратко, сакаме да веруваме дека помеѓу нас и другите има мала социјална дистанца за на тој начин да се чувствуваме побезбедни.