„Откријте ги прекрасните начини на кои се лажете себеси секој ден и уживајте во здрава доза понизност. Секоја нова тема ќе ви помогне да сфатите колку сте несвесни дека сте несвесни, и како тоа ви го одржува менталното здравје", вели авторот на неговиот официјален сајт.
Мешавина на популарна психологија и тривија, книгата се базира на идејата дека сите ние веруваме дека сме објективни набљудувачи на реалноста, што е фина помисла која има само една маана - што е погрешна. Мек Рени ни ги отвара очите преку 17 начини на кои се самоизмамуваме, меѓу кои грешката на „потонат трошок" (кога правите нешто во кое не уживате само за да ги оправдате времето или парите кои веќе сте ги инвестирале), или деиндивидуацијата (кога без да забележите потпаѓате под влијание на толпата).
Накратко, ние сме одлични кога треба да се залажеме затоа што некоја верзија на реалност ни одговара, а ужасно лоши во тоа да препознаеме кога нашите перцепции, ставови, импресии и мислења за надворешниот свет се менуваат од внатре (под „од внатре" се мисли на нашата сопствена глава).
Еден од најинтересните манифестации на горенаведеното е нешто што се нарекува „ефектот на Бенџамин Френклин", кого МекРeни го анализира во третото поглавје. Самоилузијата се состои во тоа што ние мислиме дека правиме фини нешта за луѓе кои ги сакаме и лоши нешта на оние кои не ги сакаме. Позадинската психологија всушност открива нешто контраинтуитивно - дека финото однесување прави да ги засакуваме луѓето кон кои сме такви, а дека почнуваме да ги мразиме оние кон кои сме биле нељубезни и лоши.
Зошто ефектот е наречен токму според Френклин? Роден како едно од 17 деца на сиромашни родители, тој имал многу мали шанси да стане научник, џентлмен, и човек со политичка моќ. За да го компензира неговиот низок почетен статус, тој бргу научил да биде вешт во меѓучовечките односи и станал „мајстор на играта на личната политика". Имал убедлив шарм, бил лукав и шемаџија - нешта кои биле корисни и во 1730-тите исто колку и денес.
На 21-годишна возраст формирал „клуб на взаемен напредок", наречен Џунто. Поканил интелигентни луѓе од работничката класа, и им дал шанса за размена на мислења и знаења. Всушност, ја користел оваа организација како приватна консалтинг фирма, тинк-тенк, со чија помош се кандидирал за државна служба. Но тогаш некој чие име не е споменато во биографијата на Френклин одржал долг говор пред комисијата која одлучувала по ова прашање, сакајќи да му наштети и да му ја уништи репутацијата. И покрај тоа што не успеал во намерата, Френклин бил гневен на неговиот опонент, но и доволно мудар да знае дека тој во иднина може да биде на висока позиција и дека треба да одржува добри односи со него. Затоа решил да го претвори неговиот хејтер во обожавател, и тоа со глумење сервилна почит кон него. Со оглед на тоа што Френклин важел за опсесивен собирач на книги и основач на библиотека, тој му испратил писмо на хејтерот со прашање дали може од неговата библиотека да позајми „многу ретка и необична книга". Хејтеров бил поласкан и веднаш му ја отстапил. Следниот пат кога се сретнале тој бил како друг човек - отворен, фин и пријателски настроен, каков што останал кон Френклин до крајот на неговиот живот. Френклин во автобиографијата заклучува:
„Оној што еднаш ви направил некаква добрина ќе биде подготвен да ви направи уште една ако тоа го побарате од него, дури и повеќе од оној кој е обврзан да биде добар со вас". Истото важи и за омразата - оној што еднаш ви направил зло ќе се обидува во вас да гледа човек кој го заслужил, и наместо да го ревидира својот став, што би значело признавање на неговата грешка, тој ќе го зацементира со уште повеќе омраза.
„Сетете се дека колку повеќе предизвикувате штета, толку ви се зголемува омразата. Колку повеќе изразувате убави чувства, толку повеќе ќе ги засакате оние на кои им ги пружате. Внимавајте која улога решавате да ја играте бидејќи луѓето се склони да ја исполнат етикетата која ја прифатиле", заклучува МекРени.
Претходно: 20 искривувања на мислењето кои ве зезнуваат.
Ако не, па тогаш вака: