Надлежните одговорни за Цукуба експрес линијата меѓу Токио и Цукуба, јавно објавија „искрено извинување за непријатностите“ предизвикани од прераното тргање на возот. Во изјавата, компанијата признава дека возот требало да тргне во 9:44:40 по локално време, меѓутоа тој поранил и тргнал во 9:44:20.
Истрагата покажала дека грешката се случила затоа што вработените не го провериле распоредот, „екипажот не го проверил доволно времето за тргање и ја започнал операцијата за заминување.“
Извинувањето на компанијата следува и покрај тоа што не добиле ниту една поплака за предвременото тргање.
Остатокот од 45-минутното патување од Цукуба до Токио минало без никакви проблеми.
Инаку, најмногу гужва има Токаидо линијата која вози од Токио до Кобе, и годишно пренесува речиси 150 милиони патници.