Им ја пуштале Адел на заморчиња дури не ги заболеле ушите

Во обид да ги истражат тврдењата дека музиката од новата продукција е штетна за здравјето, француски научници им пуштале песна од Адел на лабораториски заморчиња седум дена по четири часа. Хитот „I miss You“ од 2015 година бил пуштен на рипит тоа на најјако. Резултатите потврдиле дека новата компресирана музика го оштетува средното уво и побрзо го заморува мозокот.

Научници во Франција ги поделиле заморчињата во две групи. На едни им ја пуштале песната на Адел во оригинална продукција, а на други во компресирана форма, техника со која се изедначуваат најтивките и најгласните делови во поуниформирана јачина. Компресирањето сè почесто се користи во модерната музичка продукција за да се избегне шумот, при што се зголемува гласноста.

Наодите од експериментот сугерираат дека поизразената тишина во некомпресираната музика му даваат можност на мозокот подобро да ги процесира звуците, додека компресираната го презаситува и побрзо предизвикува замор.

Глодарите биле сместени во парови во мала, супертивка просторија со блокиран надворешен шум. На звучници поставени 40 сантиметри од кафезот гласно била пуштена музика со просечни 102 децибели и амплитуди од 118 децибели, слично како на рок-концерт. Во сеанси од по четири часа на ден, седум дена во неделата, од континуирано ечела песната „I miss You“ од Адел.

Веднаш по сеансите привремено им бил оштетен слухот на двете групи, но заморчињата што слушале некомпресирана музика целосно заздравувале до следниот ден, а на другите им требало подолго време, иако биле изложени на исто ниво на децибели.

Истражувачите од парискиот институт Пастер утврдиле дека компресираната музика го оштетува стапедиусниот мускул на средното уво, кој го штити внатрешното уво од гласни звуци. По една недела, рефлексите на мускулот биле двојно послаби кај заморчињата што слушале ваква музика.

Постојаниот стимул на компресирана музика ги преплавува нервните клетки при аудитивната обработка, влијаејќи на нивната способност да закрепнуваат, заклучува аудиологот Пол Аван.

 

31 мај 2025 - 10:29