Додека глобалниот капитал обилно се влева во развојот на вештачката интелигенција, во сенката на ВИ револуцијата и сјајните серверски сали, се одвива криза што технолошките гиганти ја третираат како периферналија на бизнис планот.
Секој пат кога корисник ќе побара од четбот да го анализира пазарот или да генерира визуелни елементи, тој не само што троши процесорска моќ, туку и директно ги исцрпува водните ресурси.
Според истражувањето на Универзитетот во Калифорнија, стандарден сет од десет барања испратени до модел на ниво GPT-4, „пие“ во просек околу половина литар свежа вода. Шишенце вода изгледа незначително, но на размер од милијарди барања дневно, овој трошок престанува да биде статистичка грешка и станува сериозен еколошки проблем.
Освен хардверот, проблем е и во термодинамиката на профитот: модерните центри за податоци се потпираат на испарувачко ладење, најевтиниот метод за контрола на температурите на серверите. Во тој процес околу 80 проценти од повлечената вода испарува и неповратно исчезнува од локалниот екосистем, создавајќи директен и асиметричен притисок врз човечките заедници.
Пример: центарот за податоци на „Мета“ во Џорџија троши дури 10 проценти од вкупната вода во округот а профитот од тој процес завршува на билансите на компанијата со седиште во Калифорнија.
Потрошувачката на вода на Микрософт, за само една година пораснала за 34 проценти, првенствено заради соработката со ОпенАИ.
Националната лабораторија Лоренс Беркли проценува дека центрите за податоци во САД директно потрошиле 64 милијарди литри вода во 2023 година. Со оглед на експоненцијалниот модел на раст, оваа бројка би можела да се зголеми четирикратно до 2028 година.
Со тоа, овој сектор ќе стане директна конкуренција на земјоделството и луѓето, односно нивниот пристап до свежа вода.
Еден ден можеби ќе бидеме ставени пред избор дали побитна ни е водата што ја пиеме, храната што ја јадеме или рецептите за коктели или вечера кои ни ги дава четботот.
„Иако јавноста често слуша оправдувања дека производството на месо троши уште повеќе вода, таквата аргументација е логична стапица. Храната е основна човечка потреба, додека масовната потрошувачка на вода за пиење за оптимизирање на алгоритмите или генерирање тривијална содржина е луксуз и - во повеќето случаи - тотална глупост“, пишува Јозо Кнез.