Се чинеше дека е тешко да се надмине 2015-та, година за која метеоролозите велеа дека е најнеобичната климатска година во човечката историја а веќе во првиот месец, 2016-та го демантираше тоа.
Овој јануари бил најтопол јануари од 1880-та година од кога постојат податоци за тоа. Претходниот рекордер е надминат за многу.
За да се суди за промени во климата, добро е тие да се следат во подолг период. Како се прави тоа? Земени се температурите од сите месеци во периодот 1951–1980 и од нив се извадени просеци. Тие просеци се сметаат за основна линија на споредбите, за нормална температура, односно се сметаат за нулта температура.
Просечната температура на јануари 2016 е 1,13 целзиусови степени. Претходниот рекордер (јануари, 2007-ма) бил потопол од просекот но под 1 (0,95 степени). Всушност, во историјата на досегашните мерења постојат само три месечни аномалии со вредност поголема од единица (и под и над утврдената "нула").
Кажете драгичка: сите три се од лани.
И ете го повторно јануари 2016-та на врвот. Неговата аномалија во однос на просечната јануарска температура е најголемата досега забележана аномалија меѓу сите месеци.
Со други зборови, ниеден од досега измерените 1.663 месеци не отстапувал толку од она што се смета за нормална температура за тој месец.
А февруари тргна уште подобро.