Во нормални времиња, паркинзи беа правени за да се спречи автомобилскиот хаос. Во САД уште 20-тите години на минатиот век се воведени политики за обезбедување минимум паркинг простор за новите објекти од секаков тип - станбени згради, банки или трговски центри - за секој кој живее, работи или посетува да има каде да се паркира.
Климатските воини сега тоа го свртуваат наопачки, водејќи се од податоците дека транспортот сочинува речиси една третина од емисиите на CO2 а колите прават значителен дел од тие емисии.
И еве им го решението: да нема доволно паркинзи. Така ќе се преобликувал урбаниот простор и ќе имало простор за погусто градење а луѓето, сакале или не, кога немаат паркинг, ќе морааат да се свртат кон јавен транспорт или да смислуваат други решенија за секојдневниот живот. И така ќе се намалат емисиите.
Не е ова само на ниво на налудничава идеја. На почетокот на ноември, Остин во Тексас стана првиот голем американски град кој го укина правилото за минимум паркинг места. Во некои помали места во прогресивната Калифорнија, тоа беше сторено и претходно.
„Ако сакаме половина од патувањата да бидат со нешто друго освен со автомобил, тогаш не можеме како град, да наложуваме секој дом или бизнис да има барем едно паркинг место за секој жител или клиент“, објаснува Зохаиб Кадри од градскиот совет.
На душа на паркинзите им се ставаат и други гревови: дека се скапи (велат и до 30.000 долари за едно паркинг место) и дека како големи асфалтирани површини, дополнително ги загреваат градовите.