Проектот платен со ЕУ пари вклучува електрификација на железницата, модернизација на пристаништата и „двата најголеми инженерски проекти на континентот.“
До сега најголем напредок има на север со Ересундскиот мост, кој во основа е 16 километарски автопат, пруга и тунел, што ги поврзува Малме и Копенхаген. Овој проект е завршен уште 2000-та „и ги поврзува двата града во еден регион.“
Следниот дел од планот е оваа секција да биде поврзана со Хамбург преку тунел кој ќе има две пруги и автопат од четири ленти, и ќе минува под Фемарновиот теснец. Изработката на овој дел од коридорот според Економист „наскоро ќе го создаде најголемото градилиште на континентот.“
Потребата од спојката меѓу Копенхаген и Хамбург кои претежно заради економија се поврзани на сите замисливи начини, се објаснува со тоа што патувањето по копнената рута, која дневно е преплавена со стотици шлепери, трае 6 часа, додека патувањето со брод е преголемо малтретирање. Со железница, патниците качени на воз во Копенхаген стигаат до пристаништето во Родби, од каде вагоните со ферибот се пренесуваат до Германија, по што се ставаат на германски шини и патуваат до Хамбург. По оваа рута потребни се вкупно 4 часа и 33 минути за да стигнеш од Копенхаген до Хамбург.
Проектот за Фемарновиот теснец се очекува до 2020 да добие одобрение од германските планери по што ќе почне неговата изградба. Во Данска веќе пројде. Кога ќе биде готов во 2028, тунелот ќе биде најдолгиот подводен тунел во светот. Најголемиот дел од проектот го плаќа данската влада, која планира трошоците да ги надомести преку патарина. По завршување на тунелот, возот од Копенхаген ќе стига во Хамбург за околу 2 часа и 40 минути.
Од Хамбург на располагање ти е цела мрежа на германски автопатишта и железница, и ова одлично тече се додека не загазиш малку подлабоко во Австрија во Инсбрук. Од тука возот влегува во Бренеровиот превој, преку кој минува 40% од целиот тран-алпски превоз. Бидејќи станува збор за тесен и стрмен планински превој „возовите патуваат толку бавно што патниците можат да гледаат како алпските цвеќиња почнуваат да излегуваат од снегот. Дури 2 часа по напуштање на Инсбрук, пристигаш во италијанска Фортеца, по што „возот трга надолу, а снегот е заменет со винарии и рамници.“ Автопатишта од Инсбрук до Фортеца не се ништо поопуштени, и оваа делница годишно ја минуваат околу 1 милион шлепери.
На оваа секција ќе се гради вториот голем проект од коридорот, Бренер тунелот, кој 40% ќе биде финансиран од ЕУ а остатокот од австриската и италијанската влада. Тунелот ќе се протега од Инсбрук до Фортеца и со должина од 64 километри ќе биде најдолгиот тунел на светот. Неговото отворање е закажано за 2026.
Од Фортеца повторно има брза железница благодарејќи на италијанската железничка мрежа, која стига до југот на земјата, до Неапол. И тука застанува. Опциите се стигање до Сицилија се бавен ферибот кој два пати на ден трга од Салерно, или ферибот од Вила Сан Џовани (карши Месина), кој трга еднаш на ден.
„Спротивностите со европскиот север се очигледни: Протокот кај Месина е половина помал од оној кај Оресунд (каде што Ересундскиот мост ги поврзува Малме и Копенхаген), меѓутоа сличен мост до Сицилија со децении е трн во окото на италијанските политичари. Островот останува премногу сиромашен за да биде економски исплатливо за да се изгради таква врска до него за брзи возови да стигаат до Палермо,“ објаснуваат од Економист.
Со коридорот се планира железницата и автопатот преку протокот кај Месина да влезат во Сицилија и сечејќи го островот на средина да стигнат до Палермо, каде би била и последната голема станица на коридорот.
Целата мапа од коридорот, интерактивно и сè, тука