Кога се во прашање овој и слични мега-објекти, стручните проценки се дека има 90% шанси дека трошоците ќе излезат поголеми, што, како што објаснува Крис Брајант во Блумберг „не значи дека треба да се откажеме од мега-проекти“.
Бент Фјавберг од Оксфорд посочува дека зголемените трошоци на проектите речиси се „челичен закон“ од кој нема бегање, а како пример ги дава железничките проекти кои речиси по правило чинат 40% повеќе од почетниот буџет, додека кај градење брана отстапката е два пати од предвидениот буџет.
За утеха Британците имаат проекти како новиот меѓународен аеродром во Берлин, кој требаше да отвори во 2012, за на крај да излезе дека нема да почне да прима патници пред 2020. Плус на ова првичната цена од 2 милијарди евра, на крај изнесуваше 7 милијарди евра. И не дека ова им е исклучок на Германците, туку слично им се случува и со новата зграда на филхармонијата во Хамбург, железничката станица во Штутгарт и седиштето на разузнавачката служба БНД.
Слична драма беше и со Евротунелот под Ла Манш, чија изградба чинеше 80% над буџетот, „ама денес на сите ни е драго што постои“.
Продолжувајќи да ги теши Британците, Брајант објаснува дека растот на цената на подземната железница изнесува само 11%, што не е малку, ама не е нешто страшно, дека од почетокот на копањето во 2012 8 машини за тунели имаат ископано 42 километри нови тунели, а градежниците имаат завршено 10 нови станици во „една од најгусто населените области во Европа“.
Притоа добар дел од доцнењето не паѓа на ангажираната градежна оператива, туку на техничкиот дел од тунелот во кој возовите треба да се синхронизираат да препознаваат три различни системи за сигнализација кои моментално се во функција.
„Ако сакаме да ги постигнеме очекувањата на 7,6 милијарди жители на планетава додека истовремено ги спречуваме и се адаптираме на климатските промени, ќе ни требаат уште милијарди долари за инфраструктура во овој век. А дел од оваа инфраструктура ќе биде голема. Лондонската подземна железница покажува дека со политичка волја и обемен капитал, луѓето можат да направат прилично извонредни работи. За жал, обично ова не е така брзо или евтино како што ние посакуваме,“ пишува Брајант.