Ен-би-си има план за уште еден грандиозен стриминг сервис, а одлуката Офис да му се одземе на Нетфликс е чисто комерцијална и се базира на аукција на која телевизијата понуди најмногу пари за серијата, иако Офис е дело на Универзал телевижн, дел од Ен-би-си Универзал. Серијата со години носеше сериозни пари од препродажба на правата на сервиси како Нетфликс, а интерес за нејзе имаа и Амазон и Хулу, заради што и се отиде на продажба на аукција.
Заминувањето на Офис е дел од трендот што се случува периодов на празнење на портфолиото на Нетфликс и полнење на библиотеките на големите телевизиски и филмски студија кои се подготвуваат да пуштат свои стриминг сервиси.
Така, за потребите на Дизни+, Дизни му ги одзема сите свои материјали на Нетфликс (што значи сè Марвел, сè Ѕвездени војни и сл.). ВорнерМедиа на крајот од минатата година беше на раб да му ги одземе Пријатели на Нетфликс, ама во последен момент се договорија да им ги остават уште една година за цена од 80 до 100 милиони долари. ВорнерМедиа минатата година му ја продаде The Big Bang Theory на ТБС, по цена од 1,5 милиони долари од епизода. Серијата има 279 епизоди, а клучно во договорот и во цената е клаузулата дека ВорнерМедиа не смее истата да им ја продава и на стриминг сервиси.
Ваквата стриминг мобилизација на лагодните филмски студија е предизвикана чисто од Нетфликс и парите што ги направи и што ги вложи во создавање нови содржини. Освен старите содржини, идентично разбеснување има и во трката по нов материјал па така Амазон плати 250 милиони долари само за правата да почне да снима серија според книгите Господар на прстените.