ТВ Дожд и официјално требаше да затвори по наредба на руските власти, па решија барем заминувањето да го направат по свој мерак.
На крај од вечерните вести, вработените се собраа околу водителите, кои порачаа „не на војната“ пред сите здружно да заминат. Преносот трае и додека вработените го напуштаат студиото по што се појави лого на телевизијата и порака за собирање донации.
По ова следуваше снимка од изведба на Лебедово езеро на Чајковски.
Пред затворањето, рускиот регулатор Роскомнадзор објави дека ја забранува ТВ Дожд заради поттикнување протести и нарушување на јавниот ред.
Телевизијата одамна ја нема како дел од кабелските пакети, и главно се гледа он-лајн на нивната веб-страна или на Јутјуб.
Симболиката на Лебедово езеро е што тоа беше нумерата пуштана на советските телевизии во август 1991 три дена по ред за време на неуспешниот пуч на најтврдокорните комунистички функционери (цивилни и воени) против Михаил Горбачов. По неуспехот на пучот се случи колапс на Комунистичката партија на Советскиот сојуз и распад на СССР четири месеци подоцна.