И покрај сите непрежалени убиства, и едно-две кои го задоволија егзекуторот во вас, сепак остануваат неколку главни ликови. Двајца математичари одлучуваат да ја состават социјалната мрежа на ликовите од книгите користејќи се со мрежна анализа (објаснување што е тоа, тука). Комплексноста на ликовите и нивните врски "се совршени за да бидат математички студирани."
"Ова е интересна апликација на мрежната анализа, меѓутоа претставува една од нејзините примени кои ја покажуваат сржта на математиката, а тоа е откривање и објаснување шаблони," објаснуваат двајцата автори на студијата под име "Мрежа на Тронови," Ендру Бевериџ и Џие Шан.
За студијата ги поврзуваат ликовите секој пат кога тие имаат некаква "интеракција" во третата книга, Бура на мечеви. Кога и да се појават два лика на оддалеченост од максимум 15 зборови, се додава врска меѓу нив. Тежината на врските зависи од тоа колку пати двата лика се појавиле блиску еден до друг. Клучно е дека ликовите не мора да се пријатели за да бидат меѓусебно поврзани.
Резултатот е групирање на ликовите "во екстремно прецизни заедници кои ги покажуваат географските, семејните, па дури и непријателските врски меѓу нив."
"Ние не и кажавме на мрежата кои се заедниците, самата мрежа ни го кажа тоа," објаснува Бевериџ.
По ова, математичарите ги рангираат ликовите според неколку различни мерки. Крајниот резултат, прв во сите овие мерења е еден ист лик: Тирион Ланистер. На второ место е Џон Старк, а трета е неговата полу-сестра Санса Старк.
Во пресметката излегува дека Тирион има поврзаност (добра / лоша) со 49 ликови. Меѓутоа не е само до бројот на врски, што се гледа во позицијата на Арија Старк која иако има 34 врски (трета по бројност), е зад Санса, пред се затоа што има помала вредност за мрежата. Слично поминува и Данерис Таргариен, чија најголема слабост во пресметката е што е изолирана на Есос, заради што нема контакт со случувањата во Вестерос.
Бевериџ тврди и дека методот што тој го користел може да предвиди во кој правец се движи серијата. Апликацијата на истиот метод врз Данерис, покажува дека таа ќе напредува во следните изданија, што веќе се потврдува до петтата книга.