ХБО допрва треба да потврди дека епизодите протекле од ДВД скринер. До сега официјалниот став на компанијата е дека "протекле 4 епизоди" и дека "тие потекнуваат од група на која ХБО дозволил да и бидат испратени."
Арс Техника прави анализа на 4-те епизоди, која потврдува дека тие се скинати од ДВД, по основа на резолуцијата од 720х390 пиксели. Како дел од заштита од ширење на овие копии, на самите епизоди во долниот лев агол е покриено некаков вотермарк кој најверојатно служи за идентификација на човекот на кого му е испратен ДВД скринерот.
Она што не е јасно во целата работа е зошто ХБО се решил на дистрибуција преку ДВД-а, наместо да го користи својот систем за дигитална дистрибуција на содржини, кој им е достапен на сите медиуми со кои соработува. Обично овие системи бараат најавување со корисничко име и лозинка кои се уникатни за секој корисник и најчесто имаат одреден рок на траење. Дигиталните скринери обично содржат и џиновски вотермарк со името на човекот што гледа и неговиот медиум, кој е премногу голем за да се скрие или замачка, наспроти дискретниот вотермарк што го имаше на 4-те епизоди од 5-та сезона.
ДВД скринерите најмногу се користат во сезоната на награди кога им се испраќаат на филмските критичари и членовите на Академијата. Во последната деценија ова е најчестиот начин на кој на торент се појавуваат првите квалитетни копии од најновите филмови.
"Меѓутоа деновите на ДВД скринерот веројатно се одброени. Пиратите може да најдат начин да ги победат и системите за дигитално прегледување, ама ДВД-та веќе се покажаа дека се потполно поразени. Критичарите можеби ќе бидат гневни што ќе мора своите лаптопи да ги поврзат со ХДМИ на домашното кино, ама можеби за ХБО, и за остатокот од Холивуд, најдобро ќе биде да се фрли стариот начин на прегледување во кану, да се турне во море, и од далеку да се запалил со стрела," објаснува Сем Мачковеч во текстот за Арс Техника.
Инаку, во целата работа, новинарите за шоубиз и ентертејмент од поголемите медиуми, крајно ферски се однесуваат кон ХБО, рецензирајќи ја само првата епизода од 5-та сезона, комплетно игнорирајќи го постоењето и протекувањето на останатите четири.
И покрај пиратските епизоди кои се појавија еден ден претходно, официјалната премиера на Игра на Тронови постави нов сопствен рекорд за гледаност со над 8 милиони гледачи. Минатогодишниот рекорд беше 6,84 милиони гледачи.