Кон средината на август Фароу обезбедува ексклузивно интервју со жена која е подготвена да се појави пред камера - како силуета и со скриен идентитет - и да го обвини Харви Вајнстин дека ја силувал.
„Ова е клучен момент во сплетканиот, повеќемесечен процес на известување за сторија која е проблематична за цела генерација холивудски репортери,“ се објаснува во текстот на Хафингтон пост.
Фароу од претходно веќе има доста материјал на темата. Уште во март обезбедува аудио снимка како Вајнстин сексуално ја малтретира италијанска манекенка Амбра Батијана Гутјерез. Снимката е направена еден ден откако Батијана оди во њујоршката полиција и го пријавува Вајнстин дека ја фаќал за гради и се обидел да и стави рака под сукња. По ова њујоршката полиција ја монтира Батијана со уреди за снимање и ја испраќа на состанок со Вајнстин во Трибека Гранд хотелот во Њујорк.
"Две години, новинари од најразлични медиуми се обидуваа да дојдат до оваа снимка. За бројните медиуми, аудиото само по себе ќе беше вест. И дури и мрежата да сметаше дека таа вест не е вредна да биде на телевизија, Ен-би-си њуз можеше да ја објави интернет, за што Фароу исто така притискаше," објаснуваат Јашар Али и Лидија Полгрин во Хафингтон пост.
Пред воопшто да дојде до снимката од Батијана, во јануари годинава Фароу успева да добие интервју пред камера со глумицата Роуз Мекгован, која го обвинува Вајнстин дека сексуално ја нападнал кога имала 23 години. Затоа што Мекгован ова го има подмирено вонсудски и за тоа во 1997 од Вајнстин има добиено отштета од 100.000 долари, Ен-би-си под закана од адвокатите на продуцентот одбива да ја употреби снимката од интервјуто.
Освен овие два доказа, Фароу има разговори и изјави со поранешни директори и асистенти кои лично работеле со Вајнстин, кои раскажуваат за „културата на малтретирање и злоупотреба што тој ја спроведува.“
Во јули Фароу е подготвен со сторијата за Вајнстин која вклучува интервју пред камера со лицата што го обвинуваат продуцентот, како и со четири женски и машки поранешни директори на Мирамакс и Вајнстин ко.
Како што минува времето и Фароу навлегува се повеќе во приказната, така тој се соочува со каноните на редакцијата на Ен-би-си, чии директори му кажуваат дека тој нема доволно минутажа во живо за да може да добие термин за неговата сторија, а подоцна му е порачано и да престане да работи на истата. Ен-би-си се обидува и да го спречи интервјуто со жената која е подготвена пред камера да го обвини Вајнстин за силување. Мрежата инсистира Фароу да не користи екипа на Ен-би-си њуз за снимање на интервјуто, ниту пак да се спомне дека тоа како било е поврзано со Ен-би-си њуз. На крај Фароу плаќа од сопствени пари за да најми екипа за снимање на разговорот.
„Како проект сторијата на Фароу беше мртва за Ен-би-си. Кон крајот на истиот месец (август), тој добива дозвола да ја објави сторијата кај друга новинска организација. Сторијата која во вторникот беше објавена од Њујоркер, излезе дека е блокбастер: повеќе жени го обвинуваат Вајнстин за силување или друг вид на сексуална злоупотреба, придружен од аудио од Вајнстин како признава сексуален напад,“ пишуваат Јашар Али и Лидија Полгрин во Хафингтон пост.
Кога Фароу ја носи сторијата во Њујоркер, таа прво ги минува сите филтри на редакцијата, уредниците и проверувачите на факти. Главниот уредник на Њујоркер, Дејвид Ремник, по објавувањето на веста објаснува:
„Ронан Фароу, кој дојде кај нас пред околу два месеци, веќе имаше направено многу сериозно истражување. И со екстремно напорна работа, и со работа на многумина од моите колеги тука во Њујоркер, тој ја продлабочи сторијата и ја направи спремна за објавување. И ова е нешто што е пример за одлично истражувачки новинарство.“
Дури и по објавувањето на веста од другите медиуми, Ен-би-си дента и понатаму одбива да ја покрива темата, па иако таа се појавува кај нивните главни конкуренти Си-би-ес и Еј-би-си, ноќните вести на Ен-би-си минуваат без спомнување на информацијата за Вајнстин и покрај тоа што таа е објавена уште утрото истиот ден.
Оправданието на Ен-би-си е дека не го вклучиле Вајнстин во вестите затоа што тој не е „јавна личност препознатлива за целата јавност“. На критиките за молкот на Сатурдеј најт лајв околу Вајнстин, првиот човек на шоуто Лорн Мајклс одговара со „тоа е њујоршка работа“.
Целиот овој случај потсетува на октомври 2016, кога Ен-би-си ја има аудио снимката од „Аксес Холивуд“ во која Трамп се фали како се однесува со жените. И покрај ова, веста и снимката прва е објавена од Вашингтон пост.