Не проаѓа ден а во светската филмска индустрија да не биде најден некој нов расист. Последниот обвинет доаѓа од Симсонови. И не е тоа стареотипно глупиот и дебел бел работник Хомер Симпсон ниту некој од многуте ликови со ирско, шкотско, германско или некое друго етничко потекло со кои изобилува култната 28 годишна анимирана серија. На тапет е Апу (презиме: Нахасапеемапетион), ултра симпатичниот менаџер во Квик -Е-Март.
Тој е главна тема на документарецот „Проблемот со Апу“, на американскиот комичар со индиско потекло Хари Кондаболу, кој патем има и висока академска титула од областа на човековите права. Вели дека кога растел во њујоршки Квинс, децата го викале Апу и му зборувале со неговиот, нагласено индиски акцент. А тврди дека е фан на Симсонови и дека кога го гледа Апу одвоено, и нему му е смешен и добар лик (кој патем е и попаметен од мнозина други). Ама Кондаболу тоа го гледа како проблем во контекстот на американската култура, која влече опашки од тн минстрелизација (кога белци со обоени лица глумеа црнци).
Самиот акцент на Апу инаку е фејк и доаѓа од белец, актерот Хенк Азарија кој освен на Апу им го позајмува гласот и на кафанџијата Мо (глуп и бел), шерифот Вигам (глуп и бел), Комик Бук дечкото Џеф (глуп и бел) и колегата на Хомер од Нуклеарката, Карл Карлсон (црн и неглуп).
„Борба против расизмот преку медиумското претставување е погрешна насока и служи само да ги закочи авторите да создаваат карактери надвор од нивното етничко или расно потекло. Кој би сакал да е креативен а да мора да оди по јајца?“, прашува Маник Говинда, Индиец пораснат во Лондон кому не му се верува дека на еден успешен комичар во САД навистина може да му пречи Апу.
Тој го потсетува 'истрауматизираниот' Кондаболу дека Апу не е еднодимензионален карактер каков што тој сака да го претстави и притоа му ги наведува биографските детали на Апу од серијата: дека завршил како прв во класа од седум милони во Техничкиот институт во Калкута, дека почна да работи во Квик -Е-Март за да гои отплати студентскиот кредит и дека остана на старата работа само затоа што му се допаѓа и таа и пријателите кои ги стекнал на неа. А беше истакнат член и на пејачките квартети, на пример, кога стариот Симпсон го препозна како свој син.
„Апу е успешен имигрантски бизнисмен кој ја сака Америка. Капа долу за него!“, пишува Говинда во текстот „Апу е американски херој“.