Италијанското министерство за образование понуди, а над 200 наставници од државните училишта се пријавија, на часови по егзорцизам, како дел од „континуирана образовна програма која ќе им помогне да се справат со ѓаволести ученици“.
За да немате сомнеж околу остатокот од сторијата треба да имате предвид дека во земјата годишно се спроведуваат околу 500.000 церемонии за егзорцизам.
Часовите се проект на министерот за образование Марко Бусети, по партиско убедување член на Лигата на Матео Салвини, по религиозно уверување закоравен католик. Бусети верува дека просветните работници треба во секое време да бидат опремени со сите неопходни алатки „за борба со ѓаволот во сите негови маски, од култови до дрога“.
Курсот од 40-часа е посебно наменет за наставниците по веронаука и се фокусира на „егзорцизам и молитви за ослободување“. Цената пер наставник е 450 долари, но сумата е спонзорирана од Ватикан.
Затоа што сепак не станува збор за професионални свештеници, луѓето со завршен курс нема да можат да изведуваат комплет егзорцизам, туку ќе можат превентивно да делуваат со молитви, а во случаи кога тоа нема да помогне ќе бидат подобро опремени да препознаат проблем и да препорачаат некој од локалните свештеници егзорцисти за целосна интервенција.
Надлежните од Ватикан појаснуваат дека делата на ѓаволот не се нешто посебно мистериозни, и тие се движат од регуларни кои доаѓаат во форма на искушение, до извонредни кои доаѓаат во форма на опсесија. И под ова се подразбира сè од видео игри до зависност од он-лајн порнографија. По нивно искуство многу поретки се случаите кога ѓаволот опседнува нечие тело.
Ватиканските свештеници посочуваат дека дополнителна причина за растечката потреба од егзорцисти е зголемената популарност на астрологијата, гатачи на карти и луѓе кои се наклонуваат кон црна магија.