Африка праќа христијански мисионери во Велика Британија

Знаете што правеше Мис Стон на овие простори (пред да ја грабнат). Денес е обратно. Христијани од Афика, Јужна Америка и Азија се обидуваат да ја рашират божјата реч во земјите од кои им е дојдено христијанството.

Европа веќе не  е неприкосновен центар на христијанството. Ако во 1980 година, 80% од христијаните во светот беа во западните земји, до 2025 година, мнозинството ќе бидат на глобалниот јур, во Африка, Јужна Америка и делови од Азија.

„Во книгите читавме за божјиот жар кој ја топли оваа земја, но тука тој жар веќе го нема. Британија нè научи на божјата реч но тука христијанството е пред големи предизвици и навистина го снемува. Не е случајно што сме овде“, вели Реубен Екеме Инве, една од африканските мисионерки која живее во Јорк.

Тој град и областа Јоркшир се меѓу првите на островот кои го имаат прифатено католицизмот, во седмиот век. 94% од градското население се белци па сепак христијанството губи во супстанца. Во 2001, како христијани се изјасниле три четвртини од луѓето а во 2011 тие се сведени на помалку од 60%, додека 30% се изјаснуваат дека немаат никаква религиозна припадност.

Активно во црковниот живот учествуваат само 8% Англичани. Со губење на верници се соочуваат сите големи христијански деноминации а се предвидува дека Црквата на Англија, чија посетеност е опадната за половина во последните 50 години, би можела да ги затвори вратите и да престане да постои во 2033 година. 

Ама затоа, едно истражување покажало дека само во јужен Лондон постојат над 200 христијански групации со претежно црно население кои користат складишта, напуштени бинго сали и гаражи за проповедање на божјиот збор.

 

13 октомври 2017 - 09:43