Шведска упорно продолжува да биде Шведска

Вториот по големина град во Шведска, Гетеборг, реши радикално да го промени целиот систем на работно време на јавните службеници, па од сега тие ќе мора да работат по - 6 часа на ден. Ова за да се чувствувате полошо - сега работниот ден им трае 7 часа.

Идејата е дека скратеното работно време ќе ги направи вработените попродуктивни, а во експериментот ќе учествуваат два оддела од локалните власти - едниот ќе служи како контролен примерок и ќе ги работи редовните 7 часа, а вториот ќе оди по новото работно време. Двете групи ќе добијат иста плата.

"Кога ќе заврши ќе ги споредиме двете групи да видиме како се разликуваат. Се надеваме дека заради ова вработените ќе земаат помалку денови за боледување и ќе се чувствуваат подобро ментално и физички," изјавил заменик градоначалникот на Гетеборг, Матс Филхем.

Освен подобро здравје, еден од мотивите за новото работно време е дека промената ќе отвори и нови работни места (теоријата е дека ако ние не се преработуваме по ХХ часови на ден, ќе се вработи и некој друг што ќе врши дел од работата) и дека ќе ги поттикне луѓето да работат поефективно.

Проектот во Гетеборг треба да трае околу 1 година, а за слични тестови со работното време се подготвуваат и уште неколку градови во Шведска.

Сличен експеримент беше спроведен во Финска, и заврши крајно успешно.

9 април 2014 - 11:26