Eмисиите на јаглерод од само два планирани центри за податоци во Англија ќе ги надминат сите емисии на компанијата за фосилни горива „ЕксонМобил“ во Велика Британија.
Анализата од непрофитната група „Фоксглов“ откри дека кога ќе бидат целосно оперативни, дата центрите во Бакингемшир и во Бедфордшир ќе користат 1,3 GW енергија и ќе произведуваат повеќе од 4,5 милиони тони емисии на јаглерод.
За споредба, во 2023 година „ЕксонМобил“ испушти 3,9 милиони тони.
Експертите велат дека резултатите од оваа анализа ја демонстрираат „сериозната закана“ што центрите за податоци ја претставуваат за климатски цели кои се правно обврзувачки за Велика Британија.
Центрите за податоци со вештачка интелигенција користат огромна количина струја за сервери и ладење. Моментално во најава се 315 центри за податоци кои треба да се поврзат на мрежата и нивната вкупна побарувачка е 73 GW. Тоа е речиси двојно повеќе од максималната зимска побарувачка на енергија за целата Велика Британија.
Поради долгото чекање за поврзување во мрежата, двата наведени центри планираат на лице место да изградат свои сопствени електрани на гас. Е, тие ќе пуштаат 4.577 милиони тони емисии на јаглерод годишно.
Портпарол на владата рече дека овие бројки се „погрешни“ поради претпоставката дека двата проекти ќе работат со 100% искористеност од првиот ден, што според нив „не е точно“.

Дата центрите со отпор се соочуваат и на другата страна на Атлантикот.
Влијателниот гувернер на Тексас, Грег Абот, своевремено гласен поборник на дата центрите, сврте 180 степени. Вели дека индустријата на вештачка интелигенција сега го жнее она што го посеа.
„Тие во основа си го ископаа гробот и затоа добија реакција што ја заслужуваат“, рече Абот.
Седум од десет Американци се противат на изградбата на центри за податоци за вештачка интелигенција во нивната локална област, вклучувајќи речиси половина, 48%, кои се силно против, покажува анкета на Галуп.
На борба против дата центрите повика и 93 годишната легенда Вили Нелсон.
„Тука сум пораснат, тука имам фарма, тука уште можеме ноќе да гледаме ѕвезди на небото,“ напиша Вили Нелсон во јавниот повик за отпор против најавените 56 нови дата центри во централен Тексас.