Една од финтите на работодавците во САД при ценкањето околу платите на новите вработени е да го прашаат кандидатот колку пари примал на претходното работно место. На тој начин, без разлика на описот на работното место, при промена на работа може да се добива најмногу 10% до 20% поголема плата од претходната. Поради тоа се случува двајца што ја работаат потполно истaта работа, да имаат потполно различни плати. Тоа е особено изразено во разликата на платите меѓу жените и мажите што ја работаат потполно истата работа. Разликата, т.н. „родов јаз“, достигнува и над 20%.
Масачусетс со нов закон ќе забрани во иднина работодавците да инсистираат кандидатите за работни места да ја откриваат претходната плата. Интересно е дека ваквите мерки на федерално ниво се блокирани од страна на републиканците, додека во Масачусетс законот е изгласан подеднакво од страна на републиканци и демократи. Гувернерот што ќе го потпише законот исто така е републиканец. Во САД републиканците од оваа држава се познати како посебна категорија „Massachusetts republicans“, кои се либерални во поглед на социјалните теми (ЛГБТ, абортус и слично), а се фискални конзервативци. Нешто слично на либертаријанците на федерално ниво.
Со самиот факт дека Масачусетс го донесе законот, може да се очекува оваа тема да стане актуелна во политиката на САД на федерално ниво. Слично се случи со законот за истополови бракови. Времето ќе покаже дали републиканците во САД ќе ги следат своите колеги од Масачусетс и ќе ја трансформираат партијата во Масачусетс стил, или пак ќе станат партија на трампизмот, или пак нешто трето, по изборите есенва.