„Не сакам веќе да работам во петоци. Едноставно не сакам.
Петокот ми стана третиот ден од викендот. И го работиш само ако нема друга опција,“ ќе изјави ко-основачот на компанијата за организирање настани Солидсенс.
Таа е една од 45-те компании кои учествуваа во 6-месечниот тест, во кој за 4 работни денови неделно вработените земаа полна плата. На крај 73% од учесниците изјавија дека се подготвени да ја направат промената перманентна и да го продолжат експериментот.
Ова е вториот по големина ваков експеримент на организацијата „4-дневна недела“, која до сега има направено слични експерименти во Португалија, Јужна Африка и Британија.
Во Германија експериментот ги дал следните резултати:
- Подобрување на физичкото и менталното здравје на работниците.
- 70% од работодавците пријавиле дека им станало полесно да најдат нови работници.
- Добар дел од учесниците на крај пријавиле дека приходите и профитот им останале стабилни.
Кај германскиот тест биле користени поригорозни стандарди, па на учесниците им биле собирани примероци од коса за да се мерат нивоата на кортизол (хормон кој се ослободува како реакција на стрес), биле анализирани податоци од паметни часовници, кои покажале дека работниците спиеле по 38 минути повеќе во текот на неделата и дека имале поголема физичка активност.
Две компании се повлекле сред тест заради проблеми во работењето и ниска поддршка од вработените, а од останатите компании 20% решиле да се вратат на стандардните 5 дена.
Заради времето и проблемите во кои се наоѓа Германија, повеќе владини претставници и министри предупредија против пошироко воведување на 4-дневна работна недела, објаснувајќи дека тоа е закана за напредокот на земјата и дека Германија всушност треба да се подготви „да работи повеќе и понапорно“.
Една од неочекуваните нус-појави е што автоматизирањето или аутсорсирањето на едноставни задачи кои барале многу време, ги оставило вработените да вршат само потешки задачи, што пак ја направило работата ментално поистоштувачка.