За денешните петгодишни деца, има и добри и лоши вести во најновиот извештај од Центарот за долговечност на Стенфорд.
Добрата гласи:
„Во Соединетите Американски Држави, демографите предвидуваат дека дури половина од денешните 5-годишници може да очекуваат да живеат до 100 години“.
Неколку страни подоцна, ете ја и лошата:
„Во текот на 100-годишните животи, можеме да очекуваме да работиме 60 и повеќе години“.
Во САД, просечната старосна возраст за пензионирање е 62 години. За повеќето луѓе, 40 или повеќе години работа се и повеќе од доволно, така што идејата за дополнителни 20 години е приличчно вознемирувачка.
Атлантик смирува па вели дека 60 -годишна работна кариера звучи како ноќна мора, затоа што замислуваме 60 години работа како што е за многу луѓе денес: нефлексибилна, слабо усогласена со ритамот на животот, како нешто што ги голта најдобрите години од животот.
За доброто на 5-годишните деца, треба да ја редизајнираме работата вели Џо Пинскер.
За почеток, треба да се справиме со лудилото на средните, најпродуктивните години.
„Работиме сè понапорно и понапорно во годините кога обично добиваме деца а често треба да се грижиме и за постарите па расте бројот на оние на кои сме им потребни“, вели Лаура Карстенсен, директорка на Центарот на Стенфорд. „Работните и семејните обврски најчесто го достигнуваат пикот во средината на зрелоста, што може да биде навистина стресно, особено за жените, кои носат непропорционален товар околу грижа“.
Таа предлага на работниците да им се даде право да ги скалираат работните часови (повеќе или помалку), за да се усогласат со нивните обврски надвор од работата. Таа замислува двајца родители кои ќе можат да редуцираат работната недела на 20 часа додека имаат обврски околу малите деца а после да нагазат и да го надополнат она што му го должат на капитализмот: или со повеќе работни часови или со одложување на одење во пензија.
Оваа сметка малку е без крчмар бидејќи работодавецот би имал фиксни трошоци за вработениот а тој би враќал помалку, со редуцирано работно време. А доколку работата се паузира подолго време, вработениот би можел и да каска зад новините во технологијата.
Но и сегашниот модел е брутален бидејќи многу млади и зрели луѓе се чувствуваат прегорено од работа.
„Премногу сме искористени во средните години а премалку сме искористени после 65 години,“ сумира Карстенсен велејќи дека овој јаз ќе станува сè поочигледен, не само како што се живее подолго, туку и како што сè подолго се останува здрав.