Бидејќи допрва се утврдуваат кои се црвените линии американските банкари и брокери се решаваат на што е можно поголема претпазливост, а последица на тоа е што веќе им станува полесно воопшто да не вработуваат жени или да не работат со нив. Како што објаснува еден советник за богатство интервјуиран од Блумберг, самото вработување жени денес стана „непознат ризик“.
За текстот, авторите разговараат со над 30 сениор директор од Вол стрит, и заклучокот им е дека тие се преплашени од #MeToo и се во постојан страв да не погрешат некаде. Дејвид Басен, поранешен директор на Морган Стенли, а денес советник кој надгледува над 1,5 милијарди долари, за Блумберг состојбата ја сведува на „се создава чувство на одење по јајца“.
Нелагодноста ја чувствуваат и жените, па како што објаснува претседателката на Асоцијацијата на жени што работат во финансии, Карен Елински „жените се мачат да најдат начин како да се справат со оваа ситуација, бидејќи таа влијае на нашите кариери.“
За мажите проблемот е друг. Бидејќи ако избегнуваш сам да работиш или да патуваш со жена, или одбиваш да вработуваш жени од страв дека ќе бидеш обвинет за сексуално малтретирање, „тогаш тие мажи ќе се спасат од тужба за сексуално малтретирање, и директ ќе завршат со тужба за полова дискриминација“.
„Менаџер во фонд за инвестирање во инфраструктура порачува дека тој повеќе не одржува состаноци со жени во канцеларии без прозорци; а исто така гледа да држи дистанца во лифт. 40 и нешто годишник во приватен фонд изјавува дека има ново правило кое се базира на совет од неговата сопруга инаку адвокат: нема службени вечери со жени помлади од 35 години.
Промените се суптилни но почнуваат да се чувствуваат, па жени, на пример, се исклучени од одење на пијачка после работа, што пак само го зголемува зближувањето меѓу машките колеги, или пак приватни еден на еден состаноци со шефот сега се одржуваат со ширум отворена врата од канцеларијата,“ пишуваат Џилијан Тен и Катја Порзецански во текстот за Блумберг.
Адвокатот за труд и вработување во адвокатската компанија ФордХарисон, Стивен Звајг, објаснува дека клиентите генерално се плашат од „лажни обвинувања, овие луѓе се плашат од она што не можат да го контролираат“.
Проблемот со можното недоразбирање меѓу двата пола, само ескалира кога во равенката ќе се додаде и голема разлика во години. Тука тоа што мажите се плашат да не бидат погрешно разбрани, се одразува на општиот капацитет да се образува следна генерација жени кои ќе работат во индустријата, бидејќи тие заради личен мир одбиваат да обучуваат нови, млади, колешки.
„Нема доволно жени на високи позиции за сами од себе да ја извадат следната генерација. Напредувањето во кариера обично изискува некој на повисоко ниво да знае што работи, да ти даде шанси да се покажеш и да е волен да те турка во рамки на фирмата.
Тешко е да се развие ваква врска ако тој што е хиерархиски повисоко не е волен да минува сам на сам време со некој што е ниско во хиерархијата.
Мажите мора да соберат храброст и да не дозволуваат стравот да биде бариера,“ објаснува ЦЕО-то на Ласејл секјуритис, Лиса Кофман.