Фатени во запчаниците на капитализмот (кој никогаш нема да биде скроз задоволен од нив), многу луѓе на Запад доброволно го жртвуваат своето слободно време. Над половина од вработените во САД не ги искористуваат докрај слободните денови што им следуваат.
Не толку одамна, луѓето надмено ќе дигнеа нос на една ваква посветеност кон работата, која и кај нас асоцира на ропство (оттаму она, работи како црнец). Слободното време беше сигурен индикатор на висок социјален статус и нешто што можат да си го дозволат само оние на врвот. Од средината на 20 век работите почнуваат да се менуваат, па денес бескрајното кмишење на бирото се гледа како знак за нечија важност.
Таквата перцепција е потврдена и со експерименти. На доброволци им биле прочитани две приказни: една за човек што не прави ништо туку само ужива и друга за човек што не дига глава од работа. Потоа биле прашани за оценка кој од двајцата има повисок социјален статус. Повеќето испитаници тоа го мислеле за вториот.
Во друг експеримент, луѓе со блутут-слушалки биле оценети како општествено поважни од оние што носеле стандардни слушалки, иако во обата случаи тие служеле само за слушање музика.
„Промената од слободното време како статус кон зафатеноста како статус можеби е поврзана со појавувањето на економиите во кои се цени знаењето. Во такви економии постои вишок потреба, а кусок понуда од луѓе со знаење, па со тоа што на другите им даваме знак дека сме презафатени со работа всушност им порачуваме дека сме барана стока на пазарот na трудот“, сметаат група автори што со темата на зафатеноста се занимавале за Харвард бизнис ривју.