„Ние, докторите од Квебек кои веруваме во силен јавен систем, сме против неодамнешното зголемување на платите кое беше изборено од нашите медицински здруженија,“ пишува во писмото.
За групата навредливо е што ќе добијат плата додека медицинските сестри и пациентите и понатаму страдаат.
„Овие покачувања се уште пошокантни бидејќи нашите медицински сестри, чиновниците и останатиот професионален кадар се соочуваат со многу тешки работни услови, додека пациентите живеат во недостаток на пристап до потребните услуги како последица на драстичните кратења на средствата во изминатите години и централизацијата на моќ во министерството за здравство.
Единствената работа која изгледа дека е имуна на кратењето средства е нашата плата,“ порачуваат докторите.
Потписниците на писмото бараат парите да бидат вратени во здравствениот систем на Квебек за подобрување на неговото функционирање.
Просечната плата што министерството за здравство ја исплаќа на доктор во Канада е 260.924 долари годишно. Просекот е добиен на ниво на професија, според специјализација најмногу се платени хирурзите со 354.915 долари годишно, а најниско семејните доктори со 211.717 долари.
Во оваа сума се влезени и парите што докторите треба да ги платат за трошоци за својата работа.