Кампањата за генерации без чад од цигари ја зголеми популарноста на алтернативните производи со тутун што беа пласирани на пазарот. Сега стигна до фаза во која сè повеќе луѓе настојуваат да се откажат од вејпање. Истражување во САД покажа дека 70% од корисниците на електронски цигари планираат да ги остават.
На форумите на социјалните мрежи сè попопуларна е препораката зависноста да се надмине со префрлање на класични цигари, забележува Блумберг. Логиката е: цигарите се поодвратни и затоа полесно може да се откажат. Притоа се препорачува да се користат тутун и хартија. Времето изгубено во виткањето цигара би можело уште повеќе да ги одврати пушачите да запалат.
Ја мразам миризбата, па купив некои ужасни цигари. И успеа, забележува еден корисник на Reddit.
Иако е тешко да се процени колку е распространет овој пристап, нови податоци укажуваат дека е во пораст на глобално ниво. Истражување спроведено од хуманитарната организација Action on Smoking and Health врз повеќе од 13.000 возрасни Британци покажа дека преминувањето на обични цигари сега е вториот најпопуларен метод за откажување од електронските, веднаш по терапиите со никотински замени, како фластерите и мастиките. Речиси една петтина од корисниците на електронски цигари кои се обидуваат да се ослободат од оваа навика, преминале на овој метод. Друго истражување во Нов Зеланд покажа дека 14% од луѓето кои почнале да користат електронски цигари за да престанат со пушењето, им се вратиле на обичните само за да се откажат од електронските.
Елијас Клемперер, професор на Универзитетот во Вермонт кој ја проучува зависноста, ги советува луѓето да не се префрлаат на обични цигари „затоа што се поштетни за здравјето“.

И обичните и електронските цигари содржат никотин, кој предизвикува зависност и може да влијае врз кардиоваскуларното здравје. Чадот од согорениот тутун кај цигарите содржи и катран, арсен и други хемикалии. Во пареата од електронските цигари, пак, се откриени траги од токсични метали и други канцерогени материи, но тие генерално се сметаат за помалку штетна опција.
Истражување спроведено лани во Англија покажа дека три четвртини од пушачите ги сметаат електронските цигари за исто толку штетни или дури и поштетни од обичните, што претставува пораст во споредба со 50% во 2015 година.
Како можна причина за новиот тренд се смета и тоа што корисниците на електронски цигари почесто се млади луѓе, родени откако завршија агресивните глобални кампањи против пушењето.
******
Види и: На Австралија црно ѝ било пушено