И Њујорк не е имун на Бит-пазар

Од интернет и од срцепарателните приказни на нашинци што се нашле во Њујорк, знаеме за пеколната цена на кутија цигари од 5,85 долари (267 денари, кој било бренд). Од животно искуство знаеме што се случува кога некој ќе ја покачи цената на цигарите заради акцизи и даноци.

Даноците и високата цена, истовремено се одличен извор на пари за градските власти (околу 1,5 милијарди долари од даноци по оваа основа) и обид да се намалат здравствените трошоци предизвикани од пушење цигари.

Без никаква намера ова доби и трет економски аспект, продажба на цигари на црно, која се проценува на повеќе од 380 милиони долари годишно.

Шверцот се врши на неколку нивоа. Најниското се обичните граѓани кои патуваат во околните сојузни држави и на враќање носат по неколку штеки или картон цигари, по нив се маалските колонијали и трафики кои со помош на евтина опрема ги фалсификуваат акцизните маркици, и највисоко се организираните шверцери кои имаат цела мрежа за снабдување - од производство до продажба.

Во анализа на Асошиејтед прес, кои пребарувале по ѓубрето низ Бронкс, било откриено дека само 1 од 10 фрлени кутии од цигари ги имала соодветните маркици.

"Причината за толку шверцувани кутии е едноставна: Шверцер кој ќе го наполни комбето со 50 картони цигари во Вирџинија, каде што данокот е 30 центи, ќе избегне 166.000 долари во давачки продавајќи го товарот во Њујорк," објаснува новинарот на Асошиејтед прес.

Во едно од поголемите апсења на шверцерски групи, полицијата на Њујорк откри дека групата отворила легитимен бизнис во Вирџинија за дистрибуција на цигари. Пакетите цигари на големо ги купувале во Мериленд, товарот го возеле до Делавер, од каде го препакуваат и го продаваат по предавничките низ Њујорк. Се проценува дека тие пренесувале околу 20.000 картони неделно, и дека во текот на изминатата година заработиле над 50 милиони долари.

--------------------

Во врска со оваа статија само благо да ве поправам: Кутија цигари во Virginia e $5, Pennsylvania $6, New Jersey $8, a NEW YORK $12

Поздрав,

Зоки

15 ноември 2013 - 10:14